Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева - шест месеци во руски притвор

Алсу Курмашева

Алсу Курмашева работеше околу 25 години како новинарка во татарско-башкирскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ). И тогаш пред шест месеци, како што вели, „тоа за миг се претвори во криминал“.

Тоа се случи на 18 октомври кога Курмашева, руско-американска двојна државјанка, беше уапсена во Казан и обвинета дека не се регистрирала како странски агент, според рускиот кривичен закон што ги таргетира новинарите, активистите на граѓанското општество и други.

Таа подоцна беше обвинета за ширење невистини за руската војска, а доколку биде осудена се соочува со казна затвор до 10 години. РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинар на тој медиум.

Таа отпатувала во Русија за да ја посети и да се грижи за нејзината мајка и првично била приведена додека го чекала нејзиниот лет за враќање на 2 јуни на аеродромот во Казан, каде и биле одземени пасошите.

„На 18 октомври минатата година бев затворена под обвиненија кои сè уште немаат смисла во мојата глава“, напиша таа во неодамнешната порака објавена од еден месечник на татарски јазик во Казан.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Курмашева го опиша рускиот затвор - без простор за движење

Курмашева, која живее во Прага со нејзиниот сопруг Павел Буторин, кој исто така работи за РСЕ во Прага и нивните две ќерки, на возраст од 12 и 15 години, ги опиша нејзините затворски услови како лоши и рече дека нејзиното здравје се влошило бидејќи немала пристап до третман.

Алсу пишува дека „некои од нејзините болести се засилиле“, но дека лековите и редовното вежбање „и даваат сила да издржи и да ја поднесе болката“.

„Ја држат во нехумани услови само поради фактот што е Американка“, рече Буторин.

„Сакам руската влада да ми објасни мене и моите деца зошто ја држат Алса како заложник. Таа не е опозициска политичарка. Таа не е активист. Таа не е криминалец. Нејзиниот притвор е незаконски. Таа не припаѓа во затвор“, вели Буторин.

Многу критичари и групи за човекови права велат дека Кремљ го користи таканаречениот закон за странски агенти за да го потисне секое несогласување.

Москва, исто така, беше обвинета за приведување Американци со цел да ги користи како договор за пазарење за Русите затворени во САД.

„Руските власти спроведуваат жална криминална кампања против незаконски притворената Алсу Курмашева“, рече претседателот на РСЕ, Стивен Капус.

Друг американски новинар, репортерот на Вол Стрит Журнал, Еван Гершкович, е во притвор од март 2023 година под обвинение за шпионажа, што тој и неговиот весник жестоко го негираат, велејќи дека 32-годишниот само ја вршел својата работа како овластен новинар кога бил уапсен.

Во февруари, 23 земји ја номинираа Курмашева за светската награда за слобода на печатот на УНЕСКО/Гилермо Кано во 2024 година.

Основана во 1997 година, таа е годишна награда која се доделува на лице или група луѓе за исклучителен придонес во одбраната и промоцијата на слободата на печатот низ целиот свет и покрај опасностите и прогонот со кои се соочуваат.

За Курмашева наградите се нешто на што нема доволно време да се фокусира.

Наместо тоа, нејзината цел, како што вели, е едноставна:

„Мојата најголема желба е да си одам жива и здрава од овде“.