Во Србија е приведен заменик директор на косовска полиција

Дејан Јанковиќ, заменик началник на косовската полиција

Заменик директорот на косовската полиција од српска националност Дејан Јанковиќ е уапсен од српските власти, напиша на социјалната мрежа Х, Јетон Зулфај, советник на премиерот на Косово, Албин Курти.

Врз основа на информации од косовските безбедносни институции, Јанковиќ бил приведен на граничниот премин со Србија Јариње на северот на Косово и бил однесен на разговор во Рашка (град во Србија).

Јанковиќ е од општината Штрпце, една од шесте општини со српско мнозинство јужно од Ибар.

Ова не е првпат во Србија да бидат приведени или уапсени припадници на српската заедница од Косово кои учествуваат во косовските институции или не се блиски до Српската листа, која има поддршка од владејачката Српска напредна партија во Србија.
Зуљфај напиша и дека српските власти иницирале „масовни апсења“ откако Парламентарното собрание на Советот на Европа препорача членство на Косово во таа меѓународна организација и дека „сите се во заложништво“.

Видете и ова: Српското МВР демантира дека автобуси со патници од Косово се задржуваат на граница

Министерството за надворешни работи на Косово претходно соопшти дека српските власти запреле автобуси од Косово кои транзитирале низ Србија и кои се движеле кон Косово.

Меѓутоа, Министерството за внатрешни работи на Србија на 17 април соопшти дека наводите за приведувањето на автобусот се „неосновани“ и дека полицијата „никого не привела ниту спречила влез и премин на ниту еден граѓанин“ од територијата на Косово.

Пред два дена претседателот на Србија најави апсење на Албанци кои го нарушуваат уставниот поредок на Србија, а откако косовската полиција на 13 април го уапси Среќко Софронијевиќ за кршење на уставниот поредок на Косово на протестите во Звечан и Северна Митровица во 2021 година, при акција против шверц на стока.