Нетанјаху вели дека Израел сам ќе одлучи како да се брани

Конференција на претседатели на големи американски еврејски организации, во Ерусалим

Израел ќе донесе свои одлуки за тоа како да се брани, изјави во средата израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додека западните земји повторно го повикаа да се воздржи од одмазда против Иран.

Соединетите држави, Европската унија и групата Г7 најавија дека размислуваат за построги санкции против Иран, кои според нив ќе бидат воведени за да се смири Израел и да се убеди да не одговори на ирански напад.

На 13 април, Техеран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел, извршувајќи го својот прв директен напад врз својот непријател.
Нетанјаху се состана со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон и германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, кои го посетија Израел во средата во обид да спречи ескалација на тензиите меѓу Израел и Иран.

Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека тој им се заблагодарил на Камерон и на Баербок за нивната поддршка, пред да им каже: „Сакам да бидам јасен - ние самите донесуваме одлуки и државата Израел ќе направи се што е потребно за да се заштити“.

Видете и ова: Ал-Тани: Преговорите меѓу Израел и Хамас се во застој

Претходно, Камерон рече дека е јасно дека Израел планира да возврати на иранскиот напад, кој Техеран го изврши како одговор на нападот во кој загинаа воени претставници во иранскиот конзулат во Сирија, за кој Иран го обвинува Израел.
По повеќе од шест месеци војна во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас, што ги зголеми тензиите на Блискиот Исток, дипломатите бараат начини да избегнат директна војна меѓу Израел и Иран.

Повеќето од иранските беспилотни летала и проектили истрелани кон Израел во саботата беа соборени, а немаше жртви.

Израел вели дека мора да возврати за да го задржи кредибилитетот на својата одбрана. Иран, пак, вели дека прашањето е затворено, но дека ќе возврати доколку Израел го нападне.