Најмалку 10 лица загинале, а неколку се повредени во руски воздушен напад врз украинскиот град Чернихив, соопштија властите.
Неколку експлозии го потресоа Чернихив во средата, непосредно по активирањето на сирените за воздушен напад низ Украина, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека таков напад не може да се спречи бидејќи Украина нема „доволна“ противвоздушна одбрана поради намалените резерви од сојузниците, особено од САД, каде политичарите се во ќорсокак поради пакетот воена помош вреден околу 62 милијарди долари.
Гувернерот на Черниговската област Вјачеслав Чаус изјави дека воздушниот напад на руските сили бил извршен откако во 8:50 часот по локално време била прогласена воздушна тревога.
„Непријателот изврши три ракетни напади во близина на центарот на градот. Има мртви цивили, има многу ранети“, напиша тој помалку од еден час по почетокот на тревогата за воздушен напад.
Видете и ова: Зеленски потпиша нов закон за воена мобилизација во УкраинаРусија драматично ги засили воздушните напади против Украина, чии сили немаат доволно системи за воздушна одбрана и муниција, додека очајно потребната американска помош е заглавена во Претставничкиот дом поради противењето на Републиканците.
Украинските власти упатија молби до Вашингтон и другите сојузници да ги засилат воените резерви и помош, велејќи дека воздушната одбрана на Украина е од клучно значење за заштита на нејзините соседи.
Соочен со растечкиот недостиг на системи за противвоздушна одбрана, оружје и муниција додека помошта од Запад се смирува, Киев се повеќе прибегнува кон воздушни и поморски напади со беспилотни летала длабоко во руската територија, таргетирајќи ги и воените инсталации и критичните постројки за рафинирање на нафта.
Серија експлозии одекнаа рано во средата во зоната на воениот аеродром во градот Жанкој на северот на украинскиот полуостров Крим, окупиран од Русија.