Британскиот парламент расправа за закон за постепена забрана на пушењето

илустрација

Британскиот парламент во вторник (16 април) ја почна расправата за нацрт-законот што ќе оневозможи младите луѓе да пушат, предложен од премиерот Риши Сунак и покрај противењето на многумина во неговата Конзервативна партија.

Законот ќе ја забрани продажбата на тутунски производи на сите родени по 1 јануари 2009 година, ефективно зголемувајќи ја возраста за пушење за една година во секоја наредна година додека не се покрие целото население.

„Ова има потенцијал постепено да го укине пушењето кај младите веќе во 2040 година“, рече владата при презентацијата на планот, нарекувајќи го „историски“ потег.

Иако се чини дека законот ќе биде донесен благодарение на поддршката на опозициските партии, Сунак се соочува со можност од бунт од конзервативните пратеници.

Видете и ова: Половина нација пушачи, законот никој не го есапи

Загрозениот премиер има мал политички капитал за трошење во неговата распадната партија, која со месеци заостанува зад опозициските лабуристи на анкетите.

Конзервативниот пратеник Сајмон Кларк за Би-Би-Си изјави дека е „и скептичен и целосно против“ предложениот закон за пушење.

„Мислам дека целосната забрана ризикува да стане контрапродуктивна, мислам дека всушност ризикува да создаде црн пазар, а исто така ризикува да создаде предизвик што властите не можат да го контролираат“, рече тој.

Поранешниот премиер Борис Џонсон, исто така, на настан во Канада минатата недела рече дека е „лудо“ што партијата на Винстон Черчил „забранува пури“.

Сепак, анкетите покажуваат дека околу две третини од луѓето во Обединетото Кралство поддржуваат постепена забрана за пушење.