Украина повеќекратно го зголеми производството на дронови

Украина - Украински дрон „Вампир“, регион на Запорожје, 2 февруари 2024 година

Украина досега во текот на 2024 година испорача три пати повеќе беспилотни летала на своите вооружени сили отколку во цела 2023 година, изјави полковникот Вадим Сухаревски, командант на силите за беспилотни летала на Украина.

„Овој процес продолжува и само ќе расте“, рече Сухаревски.

Украина, која се бори против руската инвазија речиси 26 месеци, се обидува да го зголеми производството на домашно оружје и употребата на иновативни технологии за да се спротивстави на многу помоќниот и побогат непријател.

Сухаревски ја посети изложбата на која беа изложени беспилотни возила од украинско производство на копно, море и воздух, системи за електронско војување и оклопни возила.

„Не е тајна дека нашите ограничувања на ресурсите во артилерија се компензираат со беспилотни летала“, им рече Сухаревски на новинарите, мислејќи на нерамнотежата на артилериската огнена моќ меѓу Украина и Русија за која аналитичарите проценуваат дека е шест спрема еден во корист на Русија.

Видете и ова: Украина бара побрзи испораки на системот Патриот од САД

Зголемената употреба на беспилотни летала од двете страни го префрла конфликтот од бојното поле кон меѓусебни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура.

„Украинските беспилотни летала кои беа користени во Русија во последните месеци, сега можат да погодат цели оддалечени повеќе од 1.200 километри“, рече Сухаревски.

Олександр Камишин, министер за стратешка индустрија на Украина, рече дека украинските производители на оружје го поттикнале и воениот и економскиот напредок на земјата.

Воено-индустрискиот комплекс на Украина го зголеми бруто домашниот производ (БДП) за 1,5 отсто во 2023 година, што е значителен дел од вкупниот раст на БДП од околу пет отсто.

Камишин рече дека е убеден дека таа бројка ќе се удвои на три отсто од растот на БДП оваа година. Но, тој предупреди дека украинската влада не може да го купи целото производство на домашно оружје.

„Уверен сум дека во иднина ќе почнеме да купуваме од украински производители со странски средства“, додаде Камишин.

Кабинетот на министри на украинската влада одлучи да одвои дополнителни 5 милијарди гривни (129 милиони долари) за да купи повеќе беспилотни летала за вооружените сили, објави премиерот Денис Шмихал.

„Средствата ќе бидат насочени кон набавка на беспилотни летала кои им се потребни на нашите ветерани на првите борбени линии“, рече Шмихал.

Украина се обидува да го зголеми сопственото производство на оружје со цел да ја намали зависноста од испораките од западните партнери. Киевските трупи се борат со сериозен недостиг на артилериски гранати преку линијата на фронтот што се протега на повеќе од 900 километри во источна и јужна Украина.