Во акција во Идризово уапсени 17 припадници на затворска полиција

Затворот Идризово, Скопје (илустрација)

Седумнаесет припадници на затворската полиција се уапсени во голема полициска акција, информираат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Уапсените затворски полицајци веќе се спроведени во Кривичениот суд.

Од ОЈОГОКК соопштија дека предметниот јавен обвинител донел Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица, од кои за петмина постои основано сомнение дека во текот на месец октомври минатата година сториле кривично дело Овозможување бегство на лице лишено од слобода по чл.372 ст.2 од КЗ, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на кривичното дело.

Покрај овие шест осомничени лица, јавниот обвинител против 11 лица води предистражна постапка заради постоење на основи на сомнение дека, во временскиот период од 19 – 26.10.2023 година, сториле продолжено кривично дело Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода по чл.373 в.в. со чл.22 од КЗ. Осомничените во текот на престојот на осуденикот како соизвршители, додека биле на смена, го ослободувале осуденото лице кое им било доверено на чување, кое непречено без придружба ја напуштало здравствената установа и по повеќечасовно отсуство се враќало назад.

Ценејќи дека постои опасност од бегство и сокривање на трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложи определување на мерката притвор за шестмината осомничени, додека за единаесетте лица за кои се води предистражна постапка предложи мерки на претпазливост.

Видете и ова: Полициска акција во затворот Идризово

Минатата недела во затворот Идризово имаше голема полициска акција и претреси со специјалци поради како што тогаш информираа од Обвинителството, сомневања за кривично-правни дејствија.

Затворот во Идризово неколку пати до сега бил мета за претреси при што беа пронајдени мобилни телефони, дрога, остри предмети и друго.