Најмалку 19 лица се пронајдени мртви, а уште две се водат како исчезнати по лизгање на земјиште во централна Индонезија, соопштија во неделата на 14 април локалните власти.
Загинатите беа извлечени, а двајцата преживеани во саботата навечер беа евакуирани од селата погодени од лизгање на земјиштето во провинцијата Јужен Сулавеси, изјави шефот на локалната агенција за катастрофи Сулејман Малија.
„Имаше 19 жртви, од кои 4 загинаа во јужно Макале и 15 други во селата Макале“, изјави Малија за новинската агенција Франс прес .
„Во моментов се уште трагаме по други жртви“, рече тој, додавајќи дека се уште има две лица пријавени за исчезнати, кои се претпоставува дека се затрупани под остатоците од одронот.
Оваа област во Индонезија беше „континуирано погодена од обилни врнежи, особено во текот на изминатата недела, без прекин.
„Обилните врнежи ја еродираа почвата на станбените области лоцирани на планинските падини, што доведе до лизгање на земјиштето што ги затрупа домовите на жителите“, изјави Малија.
Индонезија е подложна на лизгање на земјиштето за време на дождовната сезона, а проблемот на некои места е отежнат поради уништувањето на шумите, со продолжениот пороен дожд што предизвикува поплави во некои области на архипелагот.
Минатиот месец во поројните поплави и лизгање на земјиштето на островот Суматра загинаа најмалку 30 луѓе, а голем број се уште се водат како исчезнати.
Свлечиште и поплави однесоа десетици куќи и уништија хотел во близина на езерото Тоба на Суматра во декември, при што загинаа најмалку две лица.