Руските власти повикуваат на евакуација во поплавените области

Илустрација на руската област зафатена со поплава

Руските власти во областа Курган на јужниот дел на Русија ги повикуваат жителите на областите подложни на поплави веднаш да се евакуираат.

Гувернерот на Курганската област Вадим Шумков на 14 април на социјалната платформа Телеграм напиша дека водостојот на реката Тобол е веќе пет метри, а во последните часови водата се зголемила за 20 сантиметри.

Тој предупреди дека наскоро може да се прекине снабдувањето со електрична енергија и природен гас. Шумков предупреди дека нивото на водата само ќе се зголемува во блиска иднина.

Видете и ова: Поплави во Русија и Казахстан, властите предупредуваат на полошо сценарио


„Сонародници, нема потреба да чекате, почнете веднаш, инаку може да не успеете навреме поради поплавените патишта“, напиша тој на Телеграм.

Тој додаде дека екипите за евакуација и спасување работат на сите подрачја кои би можеле да бидат поплавени.

Надојдената вода во регионот урна два дрвени моста на реката Тобол - во селото Лаптево и во селото Темљаки. Во Курганската област поради поплави е воведена вонредна состојба.

Според прогнозите на Министерството за вонредни состојби, се очекува највисокото ниво на поплавата да се случи на 14 и 15 април. Потенцијално, во зоната на поплава може да се најдат до 62 населби и до 19.000 луѓе.