Лидерите на Г7 на итен состанок за иранските напади

Илустрација

Светските лидери на економската Група седум (Г7) ќе одржат видео-конференција подоцна во текот на денов, на која ќе разговараат за иранските напади врз Израел, соопшти домаќинот Италија која годинава претседава со групата најразвиени земји.

„Италијанското претседателство на Г7 ги повика лидерите на Г7 на видео конференција рано попладнево“, соопшти владата.

Во Г7 учествуваат САД, Јапонија, Германија, Франција, Велика Британија, Италија и Канада.

Израел и неговите сојузници пресретнаа „огромно мнозинство“ од стотици беспилотни летала и проектили лансирани од Иран во текот на ноќта.

Силни експлозии и блесоци на светлина можеа да се видат на небото над многу делови на Израел во раните утрински часови на 14 април, додека противвоздушната одбрана на земјата се обидуваше да ги собори дојдовните беспилотни летала и проектили што Иран ги лансираше само неколку часа откако заплени брод поврзан со Израел во Ормускиот теснец.

Видете и ова: Израел и сојузниците пресретнаа „огромно мнозинство“ беспилотни летала и проектили лансирани од Иран

Израелските власти пријавија само мала штета на една израелска воена инсталација и соопштија дека 7-годишно девојче е критично повредено од нападите, бидејќи повеќе од 200 беспилотни летала и проектили, меѓу кои и над 10 крстаречки ракети, биле пресретнати пред ударот.

Израел го повика Советот за безбедност на Обединетите нации да свика итна седница во Њујорк на 14 април за да разговара за нападот. Израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан, нападот го опиша во пост на социјалната платформа X како „сериозна закана за глобалниот мир и безбедност“.