ДИК ги потврди повеќето кандидатски листи за пратеници

Гласачо ливче (архивска фотографија)

Државната изборна комисија (ДИК) на седница на 11 април ги потврди повеќето листи за пратеници поднесени од политичките партии и коалициите за претстојните парламентарни избори.

Само неколку листи сè уште не се потврдени, а меѓу нив се и тие од Нова алтернатива, партија која од неодамна ја презеде скопската градоначалничка Данела Арсовска. Партијата треба да направи некои корекции, за што претседателот на ДИК Александар Даштевски потенцираше дека уште траат роковите за исправки.

„Неколку листи не можеа да бидат потврдени затоа што не е завршена постапката заради одредени причини кои се однесуваат до политичките партии, а некои до државните органи кои треба да им доставуваат информации“, рече Даштевски.

Видете и ова: Административци не сакаат да спроведуваат избори, сакаат да празнуваат

Меѓу листите за кои ДИК даде зелено светло се оние поднесени од: коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ; „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ; „Европски фронт“ предводен од ДУИ; „Вреди“ на албанскиот опозициски блок; Движењето ЗНАМ; Левица; коалицијата „Храбро за Македонија“ која ја сочинуваат ГРОМ, ПЦЕР и Интегра; партијата Македонска Ера Трета.

Сите тие имаат поднесено кандидатски листи за шесте изборни единици.

Дел од партиите, пак, решиле да поднесат кандидатски листи за пет или помалку изборни единици. Меѓу нив се оние на партијата Демократи, Аваја, Твоја партија, Родина Македонија, Единствена Македонија…

За парламентарни избори, државата е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници – која партија колку мандати ќе добие во секоја изборна единица се пресметува според т.н. Донтов модел.

Парламентарните избори во Северна Македонија ќе се одржат на 8 мај. Тогаш ќе се гласа и во втор круг претседателски избори, додека првиот ќе се одржи на 24 април.