Логото на црногорската телевизија за Украина е слично на симболот на руската агресија

Скриншот од промотивна содржина на РТЦГ со спорното лого

Новото лого на втората програма на Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ) предизвика реакција кај Украина бидејќи наликува на буквата „З“ – симболот на руската агресија.

Поради тоа, украинската амбасада во Подгорица реагираше до менаџментот на црногорскиот јавен сервис од каде ги отфрлаат реакциите.

„Единствениот коментар е дека логото нема апсолутно никаква сличност (со буквата Z) и дека тоа многу јасно се гледа од книгата со стандарди“, изјави директорот на РТЦГ Борис Раониќ за Радио Слободна Европа (РСЕ) на прашањето како ја коментира реакцијата на украинската амбасада.

Амбасадорот на Украина во Црна Гора, Олех Херасименко, не сакаше да ја коментира комуникацијата со јавниот сервис.

„Жал ми е, но не ја коментираме нашата комуникација со медиумите“, изјави Херасименко за РСЕ.

Видете и ова: Руски напади врз украинската енергетска инфраструктура, 200.000 луѓе без струја

Реакцијата на украинската амбасада на новото лого на втората програма на РТЦГ не е единствена – кога беше објавена на почетокот на месецот имаше бројни негативни коментари и на социјалните мрежи поради сличноста со симболот на руската агресија против Украина.

Буквата „З“ стана симбол на руската инвазија бидејќи беше испишана на руските тенкови и други воени возила со кои Русија ја започна својата инвазија на оваа земја во февруари 2022 година.

После тоа, знакот се прошири како симбол на оние кои ја поддржуваат руската агресија.

Новиот визуелен идентитет на РТЦГ почна да се применува на 2 април со што се одбележа јубилејот од 80 години радио и 60 години телевизија.

Логото е избрано на меѓународен натпревар, од 45 пријавени визуелни решенија.

Избрано е решението „Атеље Иворин“ од Загреб, чии автори се Орин Иван Вркаш и Марко Вилипиќ, кои беа наградени со 16.000 евра.

Првично главното лого на РТЦГ требаше да и биде претставено на јавноста на крајот на ноември, но тоа не се случи поради реакцијата на јавноста на предложеното решение, кое многу потсетуваше на „Гугл“, па јавниот сервис побара „дополнителни технички адаптации“.

Јавниот сервис РТЦГ се финансира од државниот буџет, а за него во 2024 година ќе се потрошат 18,7 милиони евра.

Црногорската државна политика ја следи европската надворешна политика, вклучително и во однос на руската воена агресија врз Украина, која Црна Гора официјално ја осудува.

Од анексијата на украинскиот Крим во 2014 година, Црна Гора се приклучи на европските санкции против официјална Москва.