Прва пресуда во САД за родители на дете кое извршило масовно убиство во училиште

Џејмс Крамбли (лево) и Џенифер Крамбли (втора од десно) со адвокатите во судницата, 9 април 2024 година.

Родителите на тинејџер од Мичиген кој уби четворица ученици во училиште во 2021 година беа осудени во вторникот на најмалку 10 години затвор затоа што не презеле чекори кои би можеле да ги спречат убиствата.

Џенифер и Џејмс Крамбли се првите родители осудени во САД за масовно убиство во училиште. Тие беа прогласени за виновни за убиство од небрежност, откако обвинителите презентираа докази дека пиштолите не биле обезбедени во домот и дека биле рамнодушни кон менталното здравје на нивниот син Итан.

Итан Крамбли нацртал темни слики од пиштол, куршум и ранет маж на задача по математика. Вработените во гимназијата во Оксфорд не бараа тој да си оди дома, но беа изненадени кога родителите не реагираа за време на краткиот состанок.

Видете и ова: Најмасовните убиства во училишта и градинки во Европа

Подоцна истиот ден, на 30 ноември 2021 година, тогаш 15-годишниот Итан извадил пиштол од ранецот и почнал да пука во училиштето. Тој веќе издржува доживотна затворска казна за убиство и други кривични дела.

Пред изрекувањето на пресудата, членовите на семејството на учениците кои беа убиени во пукањето побараа од судијата да ги осуди родителите на 10 години, тврдејќи дека нивната себичност довела до четири смртни случаи и трагедија во заедницата.