Советот за безбедност ќе одговори на барањето на Палестина за членство во ОН до крајот на април

Седниците на Советот за безбедност се одржуваат во седиштето на ОН во Њујорк, САД

Советот за безбедност на ОН одлучи да одговори на барањето на Палестина за полноправно членство во Обединетите Нации до крајот на април, што палестинските власти го опишаа како „историско“, а Израел остро го осуди.

„Советот одлучи да го разгледа во текот на април“, рече амбасадорката на Малта, Ванеса Фрејзер, која претседава со Советот овој месец.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена.

Во ноември 2012 година, Палестина доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестина го ажурираше своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН минатата недела, укажувајќи на израелската офанзива во Газа, а телото започна процес на ревизија во понеделникот (9 април).

„Ова е историски момент“, коментираше палестинскиот амбасадор во ОН, Ријад Мансур.

Шансите за успех се повеќе од мали, пишува АФП.

Видете и ова: Нетанјаху му повторил на Бајден дека отфрла палестински суверенитет во Газа

Најпрво би била потребна позитивна препорака од Советот за безбедност со најмалку девет гласа „за“, без вето од која било постојана членка, а потоа би било потребно двотретинско мнозинство гласови во Генералното собрание на ОН.

Набљудувачите предвидуваат вето на САД, кои веќе се спротивставија во 2011 година.

„Нашиот став е познат и не е променет“, повтори во понеделникот американската амбасадорка Линда Томас-Гринфилд по првиот состанок зад затворени врати на „Комитетот за прием на нови членки“, ад хок формиран во Советот.

Соединетите Држави веруваат дека ОН не се место за признавање на палестинска држава, туку дека тоа треба да биде резултат на договор меѓу Израел и Палестинците.

САД, исто така, го туркаат својот предлог-закон со кој планира да го намали финансирањето на ОН доколку Советот за безбедност прифати палестинска држава без таков билатерален договор.

Видете и ова: Папата смета дека е потребно е решение со две држави за Израел и Палестина

И покрај се, членовите на Советот одлучија дека работата на „Комитетот за прием на нови членови“ е корисна и таа група амбасадори повторно ќе се состане в четврток, пренесе амбасадорот на Малта.

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, остро го осуди палестинското барање и фактот дека „Советот за безбедност расправа за признавањето на „палестинската“ држава“ од говорницата на Генералното собрание.

Амбасадорот оцени дека самото разгледување на тоа барање е „веќе победа“ за оние кои го извршија и го поддржаа нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, со кој започна војната во Газа. Хамас е организација која е прогласена за терористичка од страна на САД и ЕУ.

Израелската влада се противи на решението за две држави за кое се залага огромното мнозинство на меѓународната заедница, вклучително и САД.

„Сè што бараме е да го заземеме заслуженото место во заедницата на држави“, рече палестинскиот амбасадор во ОН Мансур, кој се надева на гласање во Советот за безбедност на 18 април.

Доколку има американско вето, тоа не би било првпат барањето за прием во ОН да биде блокирано во Советот за безбедност.

За време на Студената војна, Соединетите Држави и Советскиот Сојуз постојано го блокираа приемот на сојузничките земји од спротивниот блок. Последното вето беше во 1976 година, кога Американците го блокираа приемот на Виетнам во ОН.