Ставен под контрола пожарот во Универзална сала

Пожар во Универзалната сала во Скопје, 9 април 2024 година

Ставен е под контрола пожарот што избувна претпладнево во Универзалната сала во Скопје.

Претходно од Центарот за управување со кризи информираа дека гори една од куполите на објектот и дека пожарникарите се на самото место и се обидуваат да го изгаснат пожарот.

На Единствениот број за итни случаи112 во ЦУК стигнала пријава за пожар на отворено кој се шири над објектот на Универзалната сала лоцирана на Булевар „Партизански Одреди“, во Скопје.

Универзална сала почна да се реновира пред еден месец.

Министерството за култура неодамна со Договор ги презема од Град Скопје правата за реконструкција и адаптација на Универзалната сала.

Сè уште нема информации што е причината за пожарот.

На 19 ти февруари Министерството за култура склучило договор со градежната компанија Универзал - Балкан за реконструкција на фасада и кровен покривач на објектот „Универзална сала“ - Скопје во вредност од 1,9 милиони евра.

Реконструкцијата започна годинава по двегодишна пауза, бидејќи градоначалничката на Скопје Данела Арсовска под чија надлежност е оваа институција, одбиваше да ја спроведе, затоа што како што изјави, проектот на нејзиниот претходник не бил безбеден.

Универзална сала почна да се реконструира во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов. Градежните работи за првата фаза, надворешноста, почнаа во септември 2021 непосредно пред локалните избори. Се работеше нецел месец, по што со доаѓањето на функција на Арсовска работите беа стопирани.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Локализиран пожарот во Универзална сала

Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески изјави дека уште не се познати причините за пожарот што претпладнево избувна во Универзалната сала во Скопје. Како што рече, причините дополнително ќе ги утврди полициската екипа.

Министерката за култура Бисера Костадиновска - Стојчевска изјави дека во пожарот нема жртви, туку дека е направена само материјална штета. Таа додаде дека набрзо ќе се утврди колкава е штетата пред да се продолжи со градба и испрати апел за брзо расчистување на случајот.