Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот, 8 април, изјави дека е одреден датумот за офанзива на градот Рафах.
Нетанјаху не кажа кога ќе се случи инвазијата, но повтори дека за да се поразат милитантите на Хамас, кои Европската унија и САД ги сметаат за терористичка организација, „потребно е да се влезе во Рафах и да се елиминираат терористичките баталјони таму“.
„Тоа ќе се случи - има датум“, рече Нетанјаху во видео изјавата.
Река од Палестинци влегоа во градот Кан Јунис во јужниот дел на Газа во понеделникот за да спасат што можат од она што остана од израелската офанзива, еден ден откако израелската армија објави дека ги повлекува војниците од областа.
Оние кои се вратија го најдоа својот роден град, вториот по големина во Газа, непрепознатлив, со илјадници згради уништени или оштетени.
Израел испрати војници во Кан Јунис во декември како дел од својата жестока копнена офанзива како одговор на нападот на Хамас и на земањето заложници на 7 октомври во јужен Израел.
Видете и ова:
На протестите ширум Израел десетици илјади граѓани побараа оставка од Нетанјаху
Во војната, која сега е во седмиот месец, загинаа повеќе од 33.000 Палестинци, повеќето жени и деца, според здравствените власти кои се под контрола на Хамас.
Израелските власти соопштија дека околу 1.200 луѓе, од кои повеќето цивили, биле убиени, а приближно 250 луѓе биле земени како заложници во нападот на Хамас на 7 октомври.
Се проценува дека околу 55 отсто, или околу 45.000 згради во областа Хан Јунис биле уништени или оштетени, според најновите податоци на двајца американски истражувачи кои користеле сателитски снимки за следење на уништувањето, Кори Шер од Градскиот универзитет во Њујорк и Џејмон Ван Ден Хоек од Државниот универзитет во Орегон.