Директорот на Јавното комунално претпријатие „Водовод“ од Бор, Горан Павиќ, на 8 април поднесе оставка од функцијата, откако двајца вработени во тоа претпријатие беа осомничени за убиство на двегодишното девојче Данка Илиќ.
Во изјавата дадена за локалните медиуми, Павиќ наведува дека поднесува оставка од морални причини, со оглед дека „постои основано сомнение дека ова грозоморно убиство го извршиле во работно време, во службено возило додека ги извршувале своите работни задачи“.
„Ќе поведам кривична и сите други правни постапки против осомничените, како и против сите други вработени и одговорни лица во компанијата кои со своите пропусти, дејствија или непостапување придонеле осомничените да останат десет дена на слобода“, рече Павиќ.
Градоначалникот на Бор, Александар Милекиќ во понеделникот на прес-конференција потврди дека директорот на борски „Водовод“ поднел оставка.
Видете и ова:
Притвор за осомничените за убиството на Данка, уапсени уште две лицаДанка Илиќ исчезна на 26 март пред куќа во населбата Бањско Поље кај Бор.
Двајца вработени во јавното претпријатие „Водовод“ во Бор, град во источна Србија, кои со автомобил ја удриле Данка Илиќ, а потоа нејзиното тело го оставиле на депонијата, се осомничени за убиство на девојчето, објави на 4 април српскиот министер за полиција Братислав Гашиќ.
Според него, тие го признале делото.
Во меѓувреме, полицијата на 6 април соопшти дека е уапсен и Р.Д. и Д.Д. поради сомнение дека му помогнале на осомничениот за убиството на девојчето телото да го пренесе од депонијата во околината на Бањско Поље на засега непозната локација на територијата на градот Бор во источна Србија.
Еден од нив Д.Д., починал во притвор на 7 април, соопшти полицијата.