Шведска протера кинеска новинарка „затоа што претставувала закана за безбедноста“

Шведски војник стои до свечениот топ во дворот на Кралската палата во Стокхолм, Шведска, 7 март 2024

Шведска ја протера кинеската новинарка со образложение дека таа претставува „закана за националната безбедност“, објавија шведските медиуми во понеделник, 8 април.

Новинарката, неименувана 57-годишна жена, беше уапсена од шведските безбедносни служби во октомври и протерана од владата во Стокхолм минатата недела, објави шведската телевизија СВТ. Таа добила забрана да се врати, пишува Асошиетед прес.

Жената пристигнала во скандинавската земја пред околу 20 години. Таа имала дозвола за престој и била во брак со Швеѓанец со кој има деца, наведува телевизиската куќа. Жената имала контакти со кинеската амбасада и со луѓе во Шведска кои се поврзани со кинеската влада, објави СВТ.

Нејзиниот адвокат Леутрим Кадриу за СВТ изјави дека не верува дека таа претставува закана за Шведска.

„Тешко ми е да навлезам во точните детали со оглед на тоа што многу од нив се обвиткани во тајност, бидејќи ова е прашање на национална безбедност“, рече Кадриу.

Во соседна Норвешка, радио станицата НРК објави дека новинарката известувала и од таму, како и од други нордиски земји, вклучувајќи ги Данска, Финска и Исланд.

Односите меѓу Стокхолм и Пекинг се затегнати со години.

Видете и ова:

И Кина против НАТО

Во 2020 година, судот во источна Кина го осуди Швеѓанецот со кинеско потекло Гуи Минхаи на десет години затвор за продажба на книги кои ја критикуваа владејачката Комунистичка партија. Тој беше обвинет за „незаконско обезбедување разузнавачки податоци во странство“.

Кина ги отфрли шведските барања за ослободување на Гуи.

Тој првпат исчезна во 2015 година, кога се веруваше дека бил киднапиран од кинески агенти од неговиот приморски дом во Тајланд.

Случајот доведе до истрага против шведскиот амбасадор во Кина поради состанокот што таа го договорила меѓу ќерката на Гуи и двајца кинески бизнисмени за кои ќерката рече дека му се заканувале на нејзиниот татко. Амбасадорката Ана Линдстед на крајот беше ослободена.

Во 2018 година, шведскиот суд прогласи човек за виновен за шпионирање за Кина преку собирање информации за Тибетанци кои побегнале во Шведска.

Дорџи Гиантсан, Тибетанец кој работел за антитибетанска радио станица, беше прогласен за виновен за „тешка нелегална разузнавачка активност“ и осуден на 22 месеци затвор.