Германија се соочува со обвинувањата на Никарагва пред највисокиот суд на Обединетите Нации во Хаг дека „го овозможила извршувањето на геноцид“ врз Палестинците со обезбедување воена и политичка поддршка на Израел.
Никарагва ја тужеше Германија пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), барајќи од судиите да преземат итни мерки за да го спречат Берлин да го снабдува Израел со оружје и друга помош, пишува АФП.
Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Себастијан Фишер, пред сослушувањето изјави: „Ги отфрламе обвинувањата од Никарагва“.
„Германија не ја прекрши ниту Конвенцијата за геноцид, ниту меѓународното хуманитарно право и тоа целосно ќе го докажеме пред Меѓународниот суд на правдата“, додаде Фишер.
Никарагва ќе ги изнесе своите аргументи во понеделник (8 април), а Германија треба да одговори еден ден подоцна.
Видете и ова:
Палестинците пред највисокиот суд на ОН бараат итен прекин на израелската окупацијаВо судска пријава од 43 страници, Никарагва тврди дека Германија ја прекршува Конвенцијата за геноцид на ОН од 1948 година, која беше донесена по Холокаустот.
„Со испраќање воена опрема и сега одбивање средства за УНРВА (Агенцијата на ОН за палестинските бегалци Германија го олеснува извршувањето на геноцидот. Неуспехот на Германија е уште повеќе за осуда, ако се земе предвид дека Германија воспостави привилегирани односи со Израел, што ќе овозможи позитивно да влијае на однесувањето на таа земја“, се наведува во поднесокот.
Никарагва побара од МСП да донесе одлука за „привремени мерки“ - итни наредби кои се издаваат додека судот го разгледува случајот пошироко.
„Императив и итно“ е судот да нареди такви мерки имајќи предвид дека се загрозени животите на „стотици илјади луѓе“, се нагласува во аргументите на Никарагва.
МСП е основан за да ги решава споровите меѓу нациите и стана клучен играч во војната меѓу Израел и Хамас, организација која е означена како терористичка од Соединетите Држави и Европската Унија.
Во друг случај, Јужна Африка го обвини Израел дека извршил геноцид во Појасот Газа, што Израел го негира. Во случајот, судот му нареди на Израел да стори сé што е во негова моќ за да спречи геноцидни акти, а неодамна го заостри својот став, наредувајќи дополнителни мерки со кои го обврзува Израел да го зголеми пристапот до хуманитарна помош.
Видете и ова:
Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да преземе мерки за да спречи геноцидСудските одлуки се обврзувачки, но немаат механизам за извршување. На пример, тој и нареди на Русија да ја запре инвазијата на Украина, но безуспешно.
Никарагва побара пет привремени мерки, вклучително и Германија „веднаш да ја прекине помошта за Израел, особено воената помош вклучувајќи воена опрема“.
Исто така, судот е повикан да и наложи на Германија „да ја отповика својата одлука да го суспендира финансирањето на УНРВА“.
Германија во јануари соопшти дека го стопира финансирањето во очекување на истрага за израелските наводи дека неколку членови на персоналот на УНРВА учествувале во смртоносниот напад на 7 октомври.