Протест на здравствените работници: Немаме време за немањето слух на властите

Протест на здравствените работници пред Министерството за здравство, 8 април 2024 година

Протестираме за да покажеме дека не отстапуваме од нашите барања за зголемување на платите. Ако не не слушнат ќе се вратиме повторно и побројни, порачаа претставниците на Синдикатот за здравство кои денеска се собраа на протест пред Министерството за здравство.

Здравствените работници во организација на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, поддржани од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) протестираа за неселективно вработување, усогласување на платата согласно Законот за минимална плата и зголемување на коефициентите како додатоци на плата.

„Со протестот сакаме да го искажеме нашето незадоволство од непотпишаниот анекс на Колективниот договор и да укажеме на неминовноста, односно неопходноста од неговото потпишување веднаш по формирањето на новата влада“, изјави Љубиша Каранфиловски, претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.

Од Синдикатот ги повикаа и политичките партии на средба за да им кажат што нудат за јавното здравство и порачаа дека очекуваат ветеното да се исполни во првите 100 дена од новата влада.

Еден од транспарентите на протестот

Медицинските работници потсетија и на загриженоста во фелата околу одлевањето на македонскиот медицинскиот кадар во странство.

„Постои голем егзодус во нашето здравство. Имаме максимален одлив на сите профили. Крајно време е сите политички партии да си го стават прстот на чело. Немојте да се доведеме до состојба да се увезуваат здравствени работници и кадар од трети земји“, порача претседателот на Синдикатот на Клинички центар, Предраг Серафимовски.

Даница Бошкоска, одделенска сестра од Клиниката за инфективни болести, вели дека таа не планира да замине во странство, но се надева дека и младите ќе сакаат да останат.

„Јас не размислувам, ниту имам во план да заминам. Јас сакам да ги задржиме младите што се тука, но тоа зависи од мотивацијата. Како одделенска сестра, за да се организира работата би требало да има доволен број на персонал. Ние тоа го немаме, а за да имаме доволен број на персонал, тој треба да биде мотивиран. Односно, нормално, да си добие лични придонеси коишто ги заслужува“, вели Бошкоска.

За незадоволството меѓу младите здравствени работници сведочи младиот медицински техничар, Стефан Орданоски, кој е и член во одборот на независниот синдикат на Клинички центар.

„Има незадоволство меѓу медицинските сестри и техничарите. Немаме време за непочитувањето и неслухот на властите“, порача Орданоски.

Минатата седмица, Македонското лекарско друштво (МЛД) предупреди дека од јавното здравство на годишно ниво од земјава заминуваат од 200-250 лекари.

„Од професионална гледна точка мислам дека треба да се направи добра регионализација, да се обезбедат подобри услови за специјализација, напредување, за брзо вработување на некој начин со стипендии уште додека учат студентите по медицина и секако да се почитуваат некои вид на желби за напредувањето и визијата што ја имаат младите луѓе“, изјави проф. д-р Горан Димитров, претседател на МЛД, на 5 април, на настан организиран по повод Светскиот ден на здравјето (7 април).

Денешниот протест во Скопје беше поддржан од ССМ. Паралелно, денеска, здравствените работници излегоа на протест и пред здравствените домови и во другите градови.

ССМ на 2 април организираше уште еден протест. Тој се одржа пред зградата на Врховниот суд, каде што „судиите добија жолт картон“ поради одлуката да им се одземе сопственоста на Работничкиот дом.