Некои попишувачи за северниот дел на Косово „се повлекле од процесот“

Вршителот на должноста директор на Агенцијата за статистика на Косово, Авни Кастрати, во понеделник (8 април) рече дека сите заедници во Косово учествуваат во процесот на попис на населението, иако се појавија одредени проблеми на северот на земјата.

Процесот започна на 5 април и ќе трае до 17 мај.

„Во регистрацијата учествуваат сите заедници, не занемарувајќи ниту една заедница и веруваме дека вака ќе продолжиме до завршување на процесот на регистрација“, рече Кастрати на прес-конференцијата.

Сепак, тој призна дека некои од попишувачите одговорни за северната област се повлекле од процесот.

Тој истакна дека ден претходно лично се сретнал со припадниците на српската заедница на северот на Косово и дека Агенцијата за статистика на Косово обезбедила „солиден број“ попишувачи за регистрација на населението од овој регион.

Видете и ова:

Во Косово започна пописот на населението

Според него, попишувачите се од северната област, а не од другите области населени со српско мнозинство на Косово.

Српската листа, најголемата српска партија на Косово која ја ужива поддршката на официјален Белград, на 5 април објави дека косовските Срби нема да учествуваат на пописот на населението.

Во соопштението оваа партија својот став за неучество на пописот го објаснува со „репресијата“ на режимот на премиерот Албин Курти.

„Сакаме да испратиме јасна порака до Албин Курти и оние кои го поддржуваат дека српскиот народ нема да учествува на претстојниот лажен попис во неговата организација, со што тој сака да го потврди неговиот срамен успех во протерувањето на Србите“, се наведува во соопштението на Српска листа.

Како форма на „репресија“, Српска листа, меѓу другото, го споменува указот на Централната банка на Косово, со кој се отежнува исплатата на приходите во динари кои се исплаќаат од буџетот на Србија. Оваа регулатива стапи на сила на 1 февруари и предвидува во Косово единствено платежно средство да биде еврото.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Косовските Срби во потрага по готовина поради забраната на динарот

Србите од северот не учествуваа на последниот попис на населението спроведен во 2011 година, на барање на властите во Белград.

Според пописот од 2011 година, Косово има околу 1,8 милиони жители, од кои 25 000 се Срби. Сепак, граѓанските организации сметаат дека во оваа земја живеат околу 100 000 членови на оваа заедница.

Согласно Законот за регистрација на населението и домаќинствата, секое лице може да биде казнето со парична казна од 30 до 2000 евра доколку одбие да даде информации што ги бараат попишувачите.

Казните се уште повисоки за фирмите и одат и до 20 000 евра.