Тројца загинати во руски ракетни напади врз Запорожје

Локалните жители реагираат на местото на ракетниот напад во центарот на Харкив, 7 април 2024

Во руските напади врз јужниот украински регион Запорожје загинаа најмалку три лица, а уште три беа ранети, изјави регионалниот гувернер Иван Федоров на 8 април. Тој рече дека осум населени места биле цел на последниот бран руски ракетни напади, а властите издале предупредување за воздушен напад во областа.

Нападите дојдоа откако шефот на нуклеарното набљудување на ОН изјави дека беспилотни летала ја погодиле нуклеарната централа Запорожје доцна во неделата, што според него е „забрането“.

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, издаде остро предупредување откако тим експерти на МААЕ „потврдија дека имало најмалку три директни удари на главните заштитни структури на реакторите на централата“.

„Ова не требаше да се случи“, напиша Гроси на мрежата X.

Тој не кажа кој го започнал нападот врз фабриката, која е под контрола на руските сили од инвазијата на Украина во февруари 2022 година.

Руската државна нуклеарна агенција Росатом ја обвини Украина дека стои зад нападот.

Главната управа за разузнавање на украинското Министерство за одбрана (ХУР) негираше каква било вмешаност во нападот и ја обвини Русија.

„Државата агресор повторно ја загрозува нуклеарната централа Запорожје, цивилното население и европската средина“, рече портпаролот на ХУР, Андриј Јусов, додавајќи дека инцидентот е дел од „тековната криминална практика на Русија“.

Видете и ова: МААЕ: Нуклеарната безбедност на централата Запорожје не е загрозена

Русија, исто така, изврши повеќе од 20 напади со беспилотни летала против Украина, погодувајќи ја критичната инфраструктура во централниот регион Житомир и оштетувајќи објекти на југ, соопштија официјални лица во понеделникот (8 април).

Градскиот совет на Звиахел во регионот Житомир ги повика луѓето да останат внатре по руските воздушни напади врз клучниот инфраструктурен објект.

„Русија удри во инфраструктурен објект на заедницата преку ноќ. Нема жртви меѓу цивилното население. Во моментов постои директна закана од загадување на воздухот, затоа се препорачува да се остане во затворени простории со затворени прозорци“, соопшти Градскиот совет на Телеграм.

Официјалните лица не дадоа повеќе детали.

Видете и ова: Киев: Тројца цивили загинаа во нов руски напад во југоисточна Украина

Инаку, Русија ги засили нападите со беспилотни летала и ракети врз украинските енергетски капацитети во последните недели, предизвикувајќи значителна штета и заканувајќи им се на Украинците со можен недостиг на струја, сценарио што веќе го доживеаја во првата година по руската инвазија во февруари 2022 година.

Во меѓувреме, украинската воздушна одбрана соборила 17 од 24-те беспилотни летала Шахед од иранско производство што ги користеше Русија во нападот, над регионите Одеса, Миколаив, Кировоград, Хмелницки и Житомир, соопштија воздухопловните сили на Телеграм.

Четири беспилотни летала се уништени над јужниот регион Одеса, изјави регионалниот гувернер Олех Кипер, додавајќи дека се оштетени логистички и транспортен објект и бензинска пумпа, пренесува Ројтерс. Во нападот нема жртви.

Русија сè уште не ги коментираше овие наводи.