Српската листа најави бојкот на гласањето за смена на градоначалници во Косово

Северна Митровица (архивска фотографија).

Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово, која ја има поддршката од Белград, најави дека нема да учествува на гласањето за смена на градоначалниците во четири општини на северот на Косово, кое е закажано за 21 април.

„Ставот на Српската листа е да не учествува на референдумот што го распиша Аљбин Курти затоа што направи се тој да пропадне“, најави претседателот на Српската листа Златан Елек на прес-конференција во Северна Митровица на 7 април.

Тој рече дека се планирани „невозможни процедури“ за гласањето за смена на градоначалниците на 21 април и дека избирачките списоци „не ја отсликуваат реалната состојба на теренот“ и оти е зголемен бројот на Албанци во избирачките списоци.

Видете и ова: Политичките претставници на косовските Срби „охрабрени“ по средбата со Ескобар

„За два месеца во сите општини бројот на гласачи се зголеми несразмерно, дури за 433 отсто“, рече претседателот на Српската листа.

Централната изборна комисија на Косово одлучи гласањето за смена на градоначалниците во четири општини на северот на Косово да се одржи на 21 април.

Комисијата ги верификуваше потписите на граѓаните кои поднесоа петиција за смена на градоначалниците во општините со српско мнозинство на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Потписите беа собрани во средината на јануари врз основа на Административната инструкција на Владата на Косово, која беше донесена за да се отвори патот за распишување избори во општините на север, бидејќи локалното српско население не прифаќаше градоначалници Албанци.

За да биде успешно претстојното гласање за смена на градоначалниците потребни се 50 отсто плус еден глас од граѓаните со право на глас.

После тоа, резултатот се испраќа до претседателката на Косово, Вјоса Османи, која има законски рок од 30 до 45 дена да распише предвремени избори.

Српската заедница на северот на Косово ги бојкотираше последните локални избори, и како резултат на тоа на власт дојдоа градоначалници Албанци на крајот на мај 2023 година, што ги зголеми тензиите во тој дел од земјата.