Бројот на претставки на граѓаните за работата на јавните обвинителства кои се поднесени до Канцеларијата на народниот правобранител се намалува, соопштија од Јавното обвинителство (ЈО) на Република Северна Македонија.
Ова доаѓаа откако во годишниот извештај што го објавува народниот правобранител се констатира дека во 2023 се поднесени 63 претставки за јавните обвинителства што е за 38 отсто помалку од 2022 кога нивниот број изнесувал 87.
„Граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука“, велат од ЈО.
Видете и ова:
Македонското судство „стега палци“ да не се пензионираат судиитеНајголем дел до претставките (51) се за работата на хиерархиски најниските – основните јавни обвинителства. За Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција имало четири претставки, за републичкото обвинителство три, за вишите обвинителства две, како и една за постапка пред Советот на јавни обвинители. Две претставки во извештајот се водат под точка „друго“.
Ваквиот сооднос, според Обвинителството, е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму основните јавните обвинителства се оние што го прават првиот директен контакт со граѓаните.
Според податоците од обвинителството, во текот на годината во просек јавните обвинителства постапуваат по кривични пријави за над 40.000 сторители.
Обвинителството и судството изминатиот период се соочуваат со пад на довербата од граѓаните, како и со критики од јавноста и меѓународната заедница. Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава беше констатирано дека нема напредок во судството и борбата против корупцијата, а се нотираше и дека има застој и во усвојувањето на новата стратегија за реформи во правосудството, со кои треба да се подобри работата на институциите.
Видете и ова:
ЕК сериозно загрижена за судството и корупцијатаНа чело на јавното обвинителство од февруари годинава застана Љупчо Коцевски кој беше избран во Собранието за да го наследи претходниот републички обвинител Љубомир Јовески кој пет години раководеше со оваа институција. Преземајќи ја функцијата, Коцевски најави дека довербата на граѓаните во обвинителството ќе ја враќа со транспарентност, отчетност и ефикасност.