Коалицијата „Вреди“ ги објави конечните листи за пратеници

Коалиција ВРЕДИ

Коалицијата „Вреди“ составена од неколку партии од опозицискиот албански блок ги објави конечните листи за пратеници. За прв пат како што рекоа пишуваат историја бидејќи имаат листи во сите шест изборни единици, нешто што досега не го направила ниту една албанска политичка партија, изјави портпаролот на Движењето Беса, Фатмир Сабриу на прес-конференција.

Носител на листа во изборна единица еден е Изет Меџити, во двојката е Африм Гаши, во третата изборна единица ќе биде Шенер Билали, во четвртата Мендурим Зекмани, во петката Салим Сулејмани, а во изборната единица шест Биљал Касами.

Како коносител во првата изборна единица се јавува Беким Сали, поранешен министер за здравство, во втората Ријад Шаќири од централното претседателство на Алијанса, а во шестата коносител е Беким Ќоку претставник на косовското движење „Самоопределување“.

Видете и ова: Судот во Тетово одлучил Села да ги добие печатите од Алијанса за Албанците, Таравари најавува жалба


„Од првата до шестата изборна единица, Вреди се натпреварува со листи на пратеници, кои многу се разликуваат во споредба со листите на таканаречениот – Европски фронт. Додека т.н. Европски фронт ќе настапува со личности кои се на американската црна листа и протагонисти на разни корупциски скандали, коалицијата Вреди на овие избори ќе се натпреварува со досега докажани личности, кои ќе обележат убедливи и историски победи и кои ќе бидат главни непријатели на криминалот и корупцијата што ги подметна оваа власт“, рече Сабриу.

Инаку Коалицијата „Вреди“ составена од партиите „Беса“, „Алтернатива“, „Демократско движење“ и крилото на Таравари од Алијанса за Албанците.