Грабнувачите осудени, внукот на Љубе Бошковски го нема

Илустрација

Вкупно осум години затвор пресуди Основниот Кривичен суд Скопје на обвинетите Виктор Милановски и Саша Челичиќ против кои се водеше процес за грабнување на Самоил Костадиновски, внук на поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

Судијката Славица Наумова Јосифовска, рече дека обвинетите Милановски и Александар Трпков, кој е недостапен на органите за прогон, се виновни затоа што на 3 март 2023 на улица „Христо Татарчев“ во Скопје, заеднички извршиле грабнување со закана дека ќе го лишат од живот оштетениот Самоил Костадиновски, да се плати претходно украдената наркотична дрога - роба, за која оштетениот требало да ја плати но не ја платил и не ги предал паричните средства, додека, обвинетиот Саша Челикиќ со умисла им помогнал во извршување на кривичното дело грабнување. За кривичното дело е предвидена казна затвор од една до десет години.

„Првообвинетиот, Виктор Милановски, судот го осудува на казна затвор во траење од пет години и десет месец, а на обвинетиот Саша Челикиќ му се определува казна затвор од две години и два месеци, рече судијката.

Видете и ова: Обвинение за грабнување на внукот на Љубе Бошкоски, го киднапирале за да го плати претходно украдениот хероин

Во изјава за медиуми по пресудата, обвинителот Дејан Петревски, истакна дека за третото обвинето лице во овој случај, Александар Трпевски, постапката е во прекин а по лицето е издадена меѓународна потерница.

Изјава за медиуми по пресудата даде и таткото на Самоил, кој истакна дека сметаат дека изречената казна е мала и рече дека ќе се жалат на повисоките инстанци.

Според обвинителството обвинетите со возило го однеле оштетениот на непознато место спротивно на неговата волја. Во следните неколку дена, преку пораки на мобилни апликации од непознати испраќачи, членови на семејството и блиски лица на оштетениот добивале пораки со барање за уплата на средства за наводно преземена, а неисплатена наркотична дрога.

Со цел да се прикријат трагите, возилото со кое е извршено кривичното дело и во кое последен пат бил виден оштетениот, било опожарено во Драчево.