Дел од претседателските кандидати од утрово со прес конференции ја започнаа кампањата за Претседателските избори 2024 година. Кандидатот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи од пред претседателската вила на Водно порача дека ова не се обични избори, туку се народен референдум којшто ќе ја определи иднината на оваа држава. Ја нагласи симболиката на датумот 4 април која ќе ја води под слоганот „Искуство, чесност, посветеност“.
„Доаѓам директно на оваа прес-конференција од Брисел, од седиштето на НАТО. И тоа во еден посебен ден, четврти ден, четврти месец 2024 година на Денот на основањето на НАТО и на четиригодишнината од членството на Република Северна Македонија во НАТО. И јас го почнувам овој победнички карван со бројот 4 како симболика дека сме на правиот пат. Ја почнувам оваа мисија од седиштето на НАТО со надеж дека ќе ја завршам како претседател во седиштето на ЕУ, седнат на маса на Европскиот совет како полноправен член“, порача Османи.
Видете и ова: Изборни слогани секој за своитеИ професорката Билјана Ванковска која е подржана од „Левица“ на прес најави дека кампањата и е под мотото „Го враќаме достоинството на нацијата“ и вети чесна и интересна битка. На гласачите им порача да не дозволат да бидат заблудени дека 24 април е предјадење, а главното јадење на 8 мај, нагласувајќи дека имаат можност да гласаат за личности, а не за партии, укажувајќи дека сепак од седум кандидат, шестмина собрале поддршка и легитимитет од граѓаните.
„Убедена сум дека личноста ја прави функцијата, особено кога станува збор за функција што ја врши еден човек. Тој човек може да остави свој белег, со начинот на кој ќе ја исполни со жив дух таа една функција која мнозина ја потценуваат,“ нагласи Ванковска.
Претседателскиот кандидат на ГРОМ Стевчо Јакимовски изборната кампања ја започна од Тетово. Се сретна со жители од тетовската населба Поток. Тој пред медиумите повтори дека како претседателски кандидат се чуствува дискриминаран оти некои други кандидати зеле 9 пати повеќе пари од ДИК за платено политичко рекламирање.
„ Кога го потпишавме Кодексот тука пишуваше да нема дискриминација како да нема дискриминација кога тие земаат милион за кампања , а ние 100 000 евра, значи врти- сучи, за нив се најважни парите. Најважно им е да земаат пари за да се рекламираат како да се некои порно ѕвезди или пејачки, а не претседателски кандидати каде народот треба да слушне кои се нивните размислувања за устави промени и за Бугари во устав, околу дијаспората и слично,“ рече Јакимовски.
Видете и ова: Почна кампањата за претседателските избориПред споменикот „Македониум“ во Крушево претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски со програмата „Манифест за Македонија“ ја побара поддршката и довербата од граѓаните. Истовремено го промовираше и слоганот на неговата кампања „МАКСИМУМ ЗА МАКЕДОНИЈА“.
„Не случајно почетокот на мојата кампања за претседател на Македонија почнува од Крушево, кој како град има исклучително историско значење за нас како народ и држава. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија е формирано и почива токму на темелите на Крушевската Република и АСНОМ. Затоа Програмата со којашто ќе настапам ја нарековме Манифест за Македонија, како континуитет на Крушевскиот Манифест“ рече Димитриевски.
Инаку од денеска официјално почна изборната кампања за претстојните претседателски избори кои ќе се одржат на 24 април. Седум кандидати го обезбедиле потребниот број на потписи од граѓани или од пратеници. На 8 мај, заедно со парламентарните избори, ќе се одржи и вториот круг од претседателските избори.