Советот на Европската унија (ЕУ) и Европскиот парламент (ЕП) постигнаа договор за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, најамбициозниот пакет финансиска помош за земјите од регионот во вредност од шест милијарди евра.
Договорот на 4 април го потврди европскиот претставник Тонино Пицула, кој беше главен преговарач во името на Европскиот Парламент.
Со овој инструмент се обезбедуваат финансии за реализација на Планот за раст на Западниот Балкан за периодот од 2024 до 2027 година, кои ќе опфатат две милијарди евра грантови и четири милијарди евра позајмици за земјите од регионот, вклучително и најмалку 800 милиони евра за Северна Македонија.
Преговорите кои ги водеа двете европски институции се одвиваа под голем притисок за усвојување на одлуката во „кратка временска рамка“ затоа што беше неопходна согласност од Советот на Европската Унија и Европскиот парламент кој формално се распушта на крајот на април поради европските избори кои ќе се одржат во јуни годинава.
Сега е можно одлуката да биде изгласана на априлската пленарна седница и потоа да стапи на сила Планот за раст на регионот.
Овие средства ќе претставуваат надополнување на постоечкиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 3), со што значително ќе се зголеми финансиската помош од ЕУ за државите од Западниот Балкан.
Како што соопшти денеска Европската комисија, Механизмот ќе им пружи поддршка на партнерите на ЕУ од Западен Балкан во спроведувањето на реформи поврзани со приближувањето кон Унијата и ќе го стимулира нивното економско поврзување со блокот, врз основа на амбициозните реформски агенди.
Согласно процедурите на ЕУ, договорениот текст на Регулативата за воспоставување на Механизмот сега треба да биде одобрен од Европскиот совет и од европратениците.
Видете и ова: Можно одложување на Планот за раст за Западен Балкан поради неусогласеност во ЕУЕвропските институции кои работеа на Планот за раст инсистираа земјите од регионот да исполнат низа не толку лесни критериуми за да го искористат пакетот финансиска помош.
Меѓу нив се основните критериуми кои важат подеднакво за сите земји-членки. Тие се однесуваат на владеењето на правото, почитувањето на принципите на демократијата, институционалните реформи и преземањето на неопходните чекори за да се осигура дека средствата нема да се злоупотребат.
Покрај критериумите поврзани со реформите и владеењето на правото, постојат и критериуми од политички карактер. За Косово и Србија постои „уште еден услов“ поврзан со напредокот во процесот на нормализација на односите.