13 лица загинаа во иранскиот конзулат во Дамаск, соопшти Техеран

Последиците од нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск, Сирија, 1 април 2024 година.

Во израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск загинаа 13 лица, меѓу кои седум членови на Иранската револуционерна гарда, беше соопштено на 2 април во Техеран.

„Во нападот што го изврши ционистичкиот режим врз иранскиот конзулат во главниот град на Сирија, загинаа седум Иранци и шест Сиријци“, објави иранската државна телевизија.

Претходните информации беа дека се регистрирани 11 жртви.

Во нападот е уништена зградата во која се наоѓа иранскиот конзулат и резиденцијата на иранскиот амбасадор.

Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи го предупреди Израел дека ќе биде казнет за нападот, додека Техеран рече дека испратил важна дипломатска порака до САД.

Видете и ова: Иран „го задржува правото да одговори“ на нападот врз конзулатот во Дамаск

Иран ќе го задржи правото да возврати на израелскиот напад врз конзулатот во Дамаск, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.

„Техеран ќе донесе одлука за видот на одговорот и казната на агресорот“, нагласи Канани, пренесува Ројтерс.

Сириските и иранските медиуми објавија дека зградата на иранскиот конзулат во Дамаск е целосно уништена во израелски воздушен напад.

Либански безбедносен извор изјави дека меѓу загинатите е и високиот офицер на Иранската револуционерна гарда Мухамед Захеди.

Израелската војска одби да ги коментира извештаите на странските медиуми.

Израел и движењето Хезболах, поддржано од Иран, разменуваат оган преку границата откако изби војната во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас, кои САД и Европската унија ги сметаат за терористичка организација.