Иран ќе го задржи правото да возврати на израелскиот напад врз конзулатот во Дамаск, изјави во вторник (2 април) портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.
„Техеран ќе донесе одлука за видот на одговорот и за казната на агресорот“, нагласи Канани, пренесе Ројтерс.
Сириските и иранските медиуми претходно објавија дека зградата на иранскиот конзулат во Дамаск е целосно уништена во израелски воздушен напад.
Либански безбедносен извор изјави дека меѓу загинатите е и висок офицер на Иранската револуционерна гарда, Мохамад Реза Захеди.
Видете и ова: Најмалку 38 лица загинаа во израелски напад во Сирија, тврдат безбедносни извориИранските државни медиуми јавуваат дека во нападот загинале неколку ирански дипломати.
Сириската новинска агенција САНА јави дека бројот на загинати и ранети во нападот е поголем.
Израелската армија одби да ги коментира извештаите на странските медиуми.
Од почетокот на израелско-палестинскиот конфликт во Појасот Газа, Израел изврши неколку напади во Сирија против либанската организација Хезболах и Иранската револуционерна гарда.