Хамас потврди дека израелската армија се повлекла од болницата Ал Шифа во Газа

Појасот Газа, март 2024 година

Министерството за здравство во Појасот Газа, под контрола на Хамас, организација која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, соопшти дека израелската армија ги повлекла тенковите и возилата од болницата Ал Шифа, најголемата болница на опколената палестинска територија, каде што започна воена операција пред две недели.

Новинар на АФП и очевидци на местото на настанот виделе тенкови и воени возила како го напуштаат болничкиот комплекс.

„Десетици трупови, некои од нив во фаза на распаѓање, се пронајдени во и околу болницата“, се вели во соопштението на Министерството за здравство на палестинскиот Хамас.

Израелската армија „се повлече од медицинскиот комплекс Ал Шифа откако ги запали зградите и ги стави целосно надвор од акција“, соопшти Министерството, додавајќи дека и зградите околу него се оштетени.

Лекар за АФП изјави дека се пронајдени повеќе од 20 тела, а некои биле прегазени од воени возила за време на повлекувањето.

Видете и ова: Израелските сили спроведуваат операција во областа на болницата „Ал Шифа“ во Газа

Израелската војска, која ги обвинува борците на Хамас дека се кријат во болниците, на 18 март ја започна она што ја опиша како „прецизна операција“ против Ал-Шифа, лоцирана во градот Газа на северот на палестинската територија.

Армијата објави дека оттогаш „елиминирала околу 200 терористи“.

Операцијата започна кога стотици раселени лица најдоа засолниште во болницата.

Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гребејесус во неделата изјави дека 21 пациент во таа болница починале од почетокот на операцијата во Израел.

Според него, во болницата останале 107 пациенти, меѓу кои четири деца, а 28 лица се во критична состојба.