Ерменските банки во петок (29 март) објавија дека ќе престанат да ги обработуваат трансакциите направени со руските платежни картички Мир поради санкциите на Западот наметнати на Москва поради нејзината инвазија на Украина.
Во септември 2022 година, Министерството за финансии на Соединетите Држави им се закани на странските банки со секундарни санкции за сервисирање на картичките Мир, руски систем за плаќање со картички.
Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД во февруари соопшти дека Русија го користи системот за да избегне западни санкции насочени кон рускиот финансиски систем.
Сојузот на банки на Ерменија објави дека комерцијалните банки во земјата „од сабота ќе престанат да ги сервисираат Мир картичките, поради ризик од секундарни санкции“.
„Исклучок ќе биде направен за Мир картичките издадени од ерменската филијала на руската државна банка ВТБ“, се додава во соопштението.
Видете и ова: Пашинјан: Ерменија повеќе не може да се потпира на Русија за одбранаОткако Западот воведе строги санкции кон Москва, ерменските банки тројно ги зголемија своите профити поради драматичното зголемување на готовинските текови од Русија.
Илјадници Руси побегнаа во Ерменија поради репресијата во нивната земја и од страв дека ќе бидат мобилизирани за војна. Ерменските компании, исто така, реекспортираат производи за широка потрошувачка од западно производство во Русија.
Ереван се оддалечува од Москва од 2020 година, кога ја загуби војната од Азербејџан. Односите дополнително се влошија минатата година кога Баку ја презеде контролата врз спорниот регион Нагорно-Карабах во молскавичната офанзива.
Ереван се жали дека Москва не ја заштитила од постојаната безбедносна закана од Азербејџан.
Суспендирањето на користењето на Мир картичките е последен во низата дипломатски спорови меѓу двете земји.
Во петокот, владин претставник рече дека Ерменија ќе ги блокира емитувањата на рускиот ТВ водител Владимир Соловјов, кој американскиот Стејт департмент го нарече „најенергичниот пропагандист на Кремљ“.
Минатиот месец премиерот Никол Пашинјан рече дека Ерменија го суспендирала своето учество во Организацијата на Договорот за колективна безбедност (CSTO), безбедносна алијанса предводена од Москва на неколку поранешни советски републики, и дека се обидува да воспостави партнерство со западните земји, главно со Франција и Соединети Држави.