ВМРО-ДПМНЕ ги потврди кандидатските листи за пратеници

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ (архивска фотографија)

Раководството на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ вечерта на 28 март ги потврди кандидатските листи за пратеници во шесте изборни единици.

За парламентарни избори, државата е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници – која партија колку мандати ќе добие во секоја изборна единица се пресметува според т.н. Донтов модел.

Партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој веќе претходни ги објави носители, ќе ја предводи листата во првата изборна единица (ИЕ) која го опфаќа најголемиот дел од Скопје. На втората позиција е потпретседателката на партијата, Гордана Кочовска-Димитриевска.

Видете и ова: Изборниот ринг за лидерите се врати во единица и шестка

Во изборната единица „два“ ќе биде уште еден партиски потпретседател Владо Мисајловски. Втора на листата ќе биде актуелната пратеничка Жаклина Пешевска.

Во „тројката“ листата ќе ја предводи пратеникот Драган Ковачки, а грб ќе му чува актуелниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Во изборната единица четири, носител ќе биде и другиот потпретседател на партијата Александар Николоски, додека на втора позиција е актуелниот пратеник и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски, ќе ја предводи листата во „петката“ каде следна е актуелната пратеничка Олга Лозановска.

Нејзината колешка од актуелниот пратенички состав, Дафина Стојаноска, е носителка во шестата изборна единица. На втората позиција, пак, е уште еден актуелен пратеник, Александар Велјановски.

Целосните листи со имиња и презимиња на кандидатите, кои вечерва ги потврдил Извршниот и Централниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, пред медиумите ги прочита единствениот од четворицата потпретседатели на партијата кој не е на листите, Тимчо Муцунски – актуелен градоначалник на Аеродром.

Видете и ова: Ковачевски ги објави носителите на пратеничките листи на СДСМ

Тој најави дека утре (29 март) ВМРО-ДПМНЕ ќе го потпише договорот со коалициските партнери со кои ќе настапат на претстојните избори.

Речиси сите партии и коалиции веќе ги објавија носители на листи. Единствено, официјална потврда нема од ДУИ која се уште не ја затворила коалицијата. Во неа, денеска попладне (28 март), одлучи да се приклучи и крилото на Зијадин Села од Алијанса за Албанците.

Рокот за поднесување на кандидатските листи до Државната изборна комисија (ДИК) е 2 април. Кампањата за парламентарните избори ќе почне на 18 април, а граѓаните ќе излезат на гласање на 8 мај.

Истиот ден ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Првиот ќе се одржи на 24 април. Кампањата за претседателските избори, пак, ќе почне веќе следната недела на 4 април.