Основачот на „Еф-Ти-Екс“ осуден на 25 години затвор

Сем Бенкмен-Фрид по појавувањето пред судот во Њујорк, 3 јануари 2023 г.

Поранешниот милијардер Сем Бенкмен-Фрид е осуден на 25 години затвор за кражба на осум милијарди долари од клиенти на една од најголемите, сега банкротирани, берзи за криптовалути во светот, „Еф-Ти-Екс“ (FTX), која тој ја основаше.

Банкмен-Фрид беше прогласен за виновен за измама и перење пари во ноември минатата година.

„Тој знаел дека тоа не е во ред“, рече судијата Луис Каплан пред изрекувањето на пресудата. „Тој знаеше дека тоа е кривично дело. Жал му е што направил лоша процена за веројатноста да биде уапсен. Но, тој нема да признае ништо и тоа е негово право“.

Изрекувањето на пресудата беше кулминација на случајот со падот на овој триесет и двегодишник – од исклучително богат претприемач и голем политички донатор до главен актер во најголем случај за акција на американските власти против малверзациите на пазарот на криптовалути.

Банкмен-Фрид рече дека ќе поднесе жалба на пресудата и казната.

Видете и ова: Црна Гора и го екстрадира „кралот на криптовалутите“ на Јужна Кореја

Судијата Каплан рече дека клиентите на „Еф-Ти-Екс“ изгубиле осум милијарди, инвеститорите 1,7 милијарди долари, а доверителите на Истражувачкиот фонд Аламеда основан од Банкмен-Фрид изгубиле 1,3 милијарди долари.

Судијата исто така посочи дека Банкмен-Фрид лажел за време на сведочењето кога рекол дека не знаел оти неговиот фонд потрошил депозити на клиенти земени од „Еф-Ти-Екс“.

Федералните обвинители бараа затвор од 40 до 50 години.

Откако беше основана во 2019 година, „Еф-Ти-Екс“ стана водечки играч во светот на криптовалутите.

Банкмен-Фрид стана еден од најголемите јавни донатори на Демократската партија и тврдеше дека приватно донирал еднаков износ и на републиканците.

Берзата, покрената во 2019 година со седиште на Бахамите, поднесе барање за банкрот на 11 ноември, откако се бореше да собере пари за да го спречи колапсот бидејќи трговците брзаа да повлечат 6 милијарди долари од платформата за само 72 часа.

Тогаш се воспостави дека Банкмен-Фрид тајно користел десет милијарди долари од средства на клиентите за да го поддржи својот трговски бизнис.

Тој беше уапсен во неговата резиденција на Бахамите на 12 декември 2022 година на барање на федералниот обвинител во Њујорк.