Вучиќ без детали за „тешките денови“ за Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ (архивска фотографија)

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека ѝ претстојат „тешки денови“ на Србија и оти за тоа разговарал со шефот на делегацијата на Европската унија, Емануел Џофре и со претставниците на земјите од Квнтата.

Вучиќ не прецизираше за што станува збор, наведувајќи дека за сè повеќе ќе зборува „во наредните денови“.

Тој ги отфрли оценките дека Србија го напушта „европскиот пат“ по најавата за можно излегување од Советот на Европа доколку Косово влезе во оваа организација.

„Не слушнав дека се зборува за тоа. Зборував за тешките времиња што ѝ претстојат на Србија“, рече Вучиќ за време на обиколката на градилиштето на пругата Ниш-Димитровград на 28 март.

Видете и ова: Петковиќ: Приемот на Косово во Советот на Европа би бил „непријателски гест“ кон Србија

Комитетот за политика и демократија на Советот на Европа на 27 март го одобри извештајот на известувачот за Косово, Дора Бакојани, во кој се наведува дека Косово ги исполнило условите да стане полноправна членка на Советот на Европа.

Србија, која не ја признава независноста на Косово, се противи на членството на оваа земја во меѓународните организации, а на 22 март Вучиќ најави можност Србија да се повлече од Советот на Европа во случај на прием на Косово.

Претседателот на Србија на 28 март им рече на новинарите дека ситуацијата за Србија е „толку комплицирана и сложена“ што мора „темелно да зборува“ за тоа.

„Утре или задутре ќе ги добиете сите одговори. Ситуацијата е стабилна и безбедна, но дека е тешко, тешко е“, рече Вучиќ и додаде дека политичките проблеми со кои се соочува Србија „за жал нема да исчезнат“.

Тој потврди дека разговарал со лидерот на ентитетот на Република Српска на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, но ниту за тоа не сакаше да даде детали.

Видете и ова: Косово направи чекор напред кон членство во Советот на Европа

На 26 март, Вучиќ на Инстаграм објави дека „националните интереси на Србија се директно загрозени“.

„Во овој момент не е лесно да се каже какви вести добивме во последните 48 часа … Тие директно ги загрозуваат нашите витални национални интереси, и на Србија и на Српска“, наведе во објавата.

Еден ден подоцна, тој се сретна со амбасадорите на земјите од Квината во Белград и објави дека имал „долг и отворен разговор“ со нив.

По средбата, Вучиќ на својот Инстаграм профил напиша дека ќе продолжат разговорите со амбасадорите од оваа петорка – САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија.

Ден претходно, на 26 март, во Брисел без договор заврши средбата на главните преговарачи на Косово и Србија за прашањето за српскиот динар, чија употреба како готовинско платежно средство од минатиот месец е забранета на Косово.

Видете и ова: Во Брисел без договор заврши средбата за користење на динарите на Косово

Нова рунда од дијалогот, како што е најавено, ќе се одржи на 4 април.

Во објава на Инстаграм, Вучиќ ја спомена „заканата за виталните национални интереси“ на Република Српска (РС), од каде што најавија усвојување на нивниот изборен закон надвор од уставните и законските права и овластувања кој ги има овој ентитет во Босна и Херцеговина.

Откако високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, на 26 март наметна измени во Изборниот закон на БиХ, со кои ќе се спречат изборните манипулации, РС најави специјална седница за 28 март за „безбедносната и политичката ситуација“ по одлуката на Шмит.