Блинкен ќе разговара со Макрон за Украина и за Газа

Антони Блинкен, државен секретар на Соединетите Американски Држави, на прес-конференција во Виена, Австрија, 15 март 2024 година

Државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД), Антони Блинкен, ќе разговара за поддршката за Украина за време на разговорите што ќе се одржат во Париз следната недела со францускиот претседател Емануел Макрон, објави Стејт департментот.

Франција е меѓу најголемите воени добавувачи на Украина, која се соочува со повторени руски напади откако Москва ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.

Видете и ова:

САД по Резолуцијата за Газа негира промена во американската политика

Барањето на американскиот претседател Џо Бајден за воена помош од милијарди долари за Киев е блокирано во Претставничкиот дом, кој е под контрола на републиканците.

„Секретарот Блинкен ќе се сретне со претседателот Макрон за да разговара за поддршката за Украина, напорите да се спречи ескалација на конфликтот во Газа и голем број други важни теми“, изјави за новинарите портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

Видете и ова:

Советот за безбедност на ОН бара итен прекин на огнот во Газа, САД се воздржаа од гласање

Франција повика на траен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, палестинска група прогласена за терористичка организација од САД и Европската унија, додека САД, главниот сојузник на Израел, неодамна му дозволија на Советот за безбедност на Обединетите нации да одобри резолуција со која се повикува на прекин на огнот во текот на месецот Рамазан.

Ова ќе биде прва посета на Блинкен на Франција по речиси две години. Во меѓувреме, Макрон последен пат го посети Вашингтон во декември 2022 година.

По Париз, Блинкен ќе остане во Брисел на разговори со министрите за надворешни работи на НАТО пред самитот на 75-годишнината на алијансата во Вашингтон во јули.