Полицијата во Србија соопшти дека ја прекинала потрагата по двегодишното девојче Данка Илиќ која исчезна вчера, 26 март, од приградската населба Бањско Поље кај Бор во источна Србија и поради чие исчезнување во Србија за прв пат беше активиран системот „Најди ме“.
Потрагата е прекината по 27 часа детално пребарување на теренот во приградската населба Бањско Поље и Брестовачка Бања, поради тоа што, како што се наведува во соопштението, „сите досегашни резултати укажуваат дека девојчето не е на овој простор од околу 10 квадратни километри“.
„Полицијата продолжува со интензивна оперативна работа за утврдување на сите факти и околности поврзани со исчезнувањето на детето, за што јавноста ќе биде навремено информирана“,соопштија од полицијата.
Во потрага по девојчето на терен беа полицајци, пожарникари-спасувачи, припадници на планинската спасувачка служба, припадници на Жандармеријата со кучиња трагачи, ловџии и бројни граѓани. Во потрагата се користат и хеликоптери и беспилотни летала со термо камери.
Во потрагата може да се приклучат и доброволци во координација со полицијата, а се приклучија и рудари и припадници на јавните служби на Бор.
Како што јави Радио-телевизија на Србија (РТС), теренот се пребарува во помали групи волонтери од по 20 лица, кои се разделуваат и одат со полицијата.
Потрагата беше проширена и надвор од местото каде што исчезна девојчето, кое веќе беше претресено.
Полицијата и волонтерите одат од зграда до зграда за да најдат некаква трага што ќе помогне во потрагата по исчезнатата Данка, а беа проверени и напуштени згради.
„Сите сопственици на викендички во населбата беа поканети да дојдат и да ги отворат своите згради, за да ги пребараат тие згради и да го отстранат секој сомнеж“, пренесе РТС.
Се додава дека е блокиран пристапот до приградската населба Бањско Поље кај Бор, каде исчезна девојчето, а поставени се контролни пунктови на приодот до тоа место каде полицијата врши увид на возила.
Сослушани се сите „лица од безбедносен интерес“ кои претходно имале проблеми со законот.
Бор, Србија - Пoлицијата во потрага по двегодишното девојче Данка Илиќ, исчезната на 26 март 2024.
Полицијата за прв пат го активираше системот „Најди ме“ (Amber Alert) со кој јавноста итно се информира за исчезнување на дете. Итно известување вклучува испраќање порака за исчезнувањето со сите релевантни информации, прекинување на ТВ и радио програми, испраќање СМС пораки до сите граѓани, прикажување на екраните на автопатот, аеродромите, железничките и автобуските станици.
„Ова не е показна вежба, јавноста се информира за исчезнатиот малолетник“, соопштија од Министерството за информации на Србија вечерта на 26 март.
Системот „Најди ме“ беше воведен во Србија на 25 октомври 2023 година. Системот, кој постои во повеќе земји, е наменет за итно јавно известување во случај на исчезнување на дете.
Системот овозможува брза дистрибуција на информации до сите граѓани, кога полицијата ќе оцени дека нивното објавување би придонело за пронаоѓање на детето.