Тајланд е се поблиску до легализирање на истополовите заедници

илустрација

Долниот дом на парламентот на Тајланд го усвои нацрт-законот за брачна еднаквост во последно читање, што е значаен чекор што ја приближува земјата кон тоа да стане трета територија во Азија која ги легализира истополовите заедници.

Предлог-законот сега ќе оди на одобрување во Сенатот и согласност на кралот пред официјално да стане закон. Во Долниот дом, тој имаше поддршка од сите главни партии на Тајланд и беше усвоен со гласовите на 400 од 415 присутни пратеници, додека 10 гласаа против.

„Го направивме ова за сите Тајланѓани за да ја намалиме нееднаквоста во општеството и да започнеме да создаваме еднаквост. Сакам да ве поканам сите да испишете историја“, им рече на пратениците претседателот на парламентарната комисија Дануфорн Пунаканта.

Донесувањето на законот означува значаен чекор кон зацврстување на позицијата на Тајланд како едно од најлибералните општества во Азија за ЛГБТ прашањата, со отвореност и либерални ставови кои коегзистираат со традиционалните и конзервативни будистички вредности.

Видете и ова: Грција ги легализираше истополовите бракови

Тајланд долго време е привлечен за истополовите двојки, со енергична ЛГБТ социјална сцена за локалното население и странците, како и насочени кампањи за привлекување ЛГБТ гости.

Предлог-законот би можел да стапи на сила во рок од 120 дена по одобрувањето од кралот. Истополовите заедници во Азија досега се легализирани во Тајван и Непал.

Овој закон се работи повеќе од една деценија, со доцнење поради политичките пресврти и несогласувања за тоа каков пристап треба да се преземе и што треба да се вклучи во предлогот.

Во 2020 година, Уставниот суд пресуди дека постоечкиот закон за брак на Тајланд, кој ги признава само хетеросексуалните парови, е уставен, но препорача правната рамка да се прошири за да се обезбедат правата на другите полови.