Во серија воздушни напади во источна Сирија на 26 март загинаа десетина луѓе, меѓу кои и ирански воен советник и член на тим кој работи за Светската здравствена организација, соопштија официјални лица, пишува АП.
Не е јасно кој стои зад воздушните напади во сириската провинција Деир ел Зур, која граничи со Ирак.
Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија соопшти дека во нападите загинале 15 лица, вклучително и ирански советник на иранската паравоена револуционерна гарда, двајца негови телохранители и девет ирачки борци од група која ја поддржува Иран, како и двајца Сиријци.
Исто така се вели дека загинал и сириски инженер.
Видете и ова: Експерт за безбедност: Нападот во Москва е една од најголемите операции на џихадиститеИранската државна новинска агенција потврди дека припадник на Револуционерната гарда е убиен во Сирија.
„Дама пост“ - провладин медиум во Сирија, објави дека нападите биле насочени кон главниот град на провинцијата Деир ел-Зур и градовите Мајадин и Букамал.
Светската здравствена организација (СЗО) објави дека еден од нејзините членови, инженерот Емад Шехаб, починал.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападите.