Полицијата за уривањето на мостот во Балтимор: Не се работи за тероризам

Мостот Френсис Скот Ки по несреќата, Балтимор, 26 март 2024 година

Нема докази дека ударот со брод што го предизвика уривањето на мостот Френсис Скот Ки бил намерен, соопшти полицијата во Балтимор додека во меѓувреме продолжува потрагата по неутврден број исчезнати лица во реката Потапско, јавуваат американските медиуми.

„Апсолутно нема индикации дека станува збор за некаков вид тероризам, дека тоа е направено намерно“, рече началникот на полицијата во Балтимор, Ричард Ворли на прес-конференција.

Мостот Френсис Скот Ки во Балтимор се урна откако ноќеска контејнерски брод удрил во еден од неговите столбови.

Бројот на исчезнати лица сè уште не е утврден.

Видете и ова: Се урна мост во Балтимор откако во него удрил товарен брод

Портпаролот на локалната противпожарна единица претходно изјави дека во водата има дваесетина луѓе, но новите податоци покажуваат дека се помалку. Потрагата е отежната поради намалената видливост и ниските температури.

Температурата на водата во реката е околу девет степени Целзиусови. Во овие услови во реката може да се преживее околу три часа, па нуркачите прават се за да ги извлечат луѓето.

Во меѓувреме спасувачите трагаат по најмалку седум лица, додека две се спасени.

„Едно лице е неповредено, а другото е во болница во многу тешка состојба“, изјави шефот на противпожарната служба во Балтимор, Џејмс Валас, пренесе АП.

Гувернерот на Мериленд прогласи вонредна состојба по уривањето на мостот.

Мостот е долг повеќе од 2,5 километри. Тој се урна во водата рано во вторникот (26 март), откако во него удри товарен брод. Одделот за транспорт на Мериленд претходно извести дека сите сообраќајни ленти во областа се затворени во двата правца.

Белата куќа соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата по уривањето на мостот и дека е во контакт со локалните власти со цел да пружи помош.

„Нашето срце е со семејствата на исчезнатите во овој ужасен инцидент“, соопшти Белата куќа.

Компанијата Synergy Marine Group потврди дека нејзиниот брод удрил во еден од столбовите на мостот и дека сите членови на екипажот се безбедни. Инаку Балтимор е едно од најголемите карго пристаништа во САД.