Циханускаја - Белорусите се соочуваат со „руска агресија и империјализам“

Свјатлана Циханускаја

Белоруската опозициска лидерка во егзил Свјатлана Циханускаја ги повика своите сонародници да застанат и да ја бранат независноста на својата земја пред лицето на, како што рече, „руската агресија и империјализам“ додека Белорусите го одбележуваа Денот на слободата во чест на годишнината од Белоруската Народна Република, која постоеше помалку од една година во 1918 година.

„Соочени сме со руската агресија и империјализам и мораме да застанеме цврсто во одбрана на независноста на нашата нација“, рече Циханускаја за белорускиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) на 25 март во Прага, каде што беше во посета на одбележувањето на Денот на слободата.

„Мораме со интегритет и достоинство да ја поддржуваме работата иницирана од нашите предци. Императив е оваа борба да не се одолговлекува бесконечно, дозволувајќи ѝ на нашата генерација да ја заштити нашата независност и суверенитет“, рече таа.

Авторитарниот владетел на Белорусија, Алаксандар Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, е близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин и дозволи користење на белоруската територија и воените објекти во целосната инвазија на Москва на Украина.

Видете и ова: Поранешен дописник на РСЕ во Белорусија осуден на три години затвор

Русија и Белорусија во 1999 година создадоа таканаречена Државна унија, наднационално тело составено од двете земји, со декларирана намера за евентуално спојување. Меѓутоа, Лукашенко го одолговлекува целосното спроведување на договорот.

Сопругот на Циханускаја, Сјархеј, беше приведен пред изборите за да го спречат да се пријави како кандидат и беше осуден на 18 години затвор во 2021 година за поттикнување масовни нереди, поттикнување социјална омраза, попречување на активностите на Централната изборна комисија и организирање активности кои го нарушуваат општествениот поредок, обвиненија кои тој и неговите поддржувачи ги отфрлија како политички мотивирани.

По изборите, Лукашенко силно го разби несогласувањето и граѓанското општество, затворајќи стотици луѓе и принудувајќи ги повеќето опозициски фигури во земјата, вклучително и Циханускаја, да побегаат во страв.

Лукашенко тврдеше дека освоил шести мандат на изборите во август 2020 година. Додека официјалните резултати му донесоа победа на Лукашенко, опозицијата и многу западни влади и организации рекоа дека гласањето било наместено и дека Циханускаја, која се вклучи како кандидат на местото на нејзиниот сопруг, всушност победила.