Кремљ не ги коментира сомневањата дека осомничените за нападот во Москва биле малтретирани

Фаридуни Шамсидин, еден од четворицата осомничени за терористичкиот напад во предградие на Москва на 22 март

Дмитриј Песков, портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин одби да одговори на прашање во врска со индициите дека четворицата наводни осомничени за смртоносниот терористички напад во концертна сала во предградие на Москва можеби биле малтретирани за време и по нивниот притвор.

„Го оставам ова прашање без одговор“, рече портпаролот на 25 март, откако новинар го праша за „видливите знаци на насилство“ кај осомничените кога се појавија на суд претходниот ден.

Песков генерално ги пофали безбедносните сили на земјата, велејќи дека тие „работат неуморно и се спротивставуваат на сите закани, на сите предизвици со кои се соочува земјата“.

Тој додаде дека Путин подоцна на 25 март ќе се сретне со високи претставници за да разговара за истрагата за нападот на 22 март, во кој загинаа 137 лица, а повеќе од 180 беа повредени.

Речиси 100 луѓе остануваат хоспитализирани.

Видете и ова: Тројца од четворицата осомничени за нападот во Москва ја признале вината

Руските власти соопштија дека 11 лица се приведени во врска со нападот на 22 март, вклучително и четворица мажи кои се осомничени дека го извршиле нападот.

Московскиот окружен суд во Басмани на 24 март им одреди притвор на четворицата мажи, Саидакрам Раџабализода, Далерјон Мирзоев, Мухамедсобир Фаизов и Фаридун Шамсидин. Тие ќе поминат најмалку два месеци во притвор очекување на судењето за обвиненија за тероризам. Судот ги идентификуваше четворицата како државјани на Таџикистан и рече дека сите ја признале вината откако биле обвинети.