Во Брисел без договор заврши средбата за користење на динарите на Косово

Српски динари.

Без договор во Брисел заврши средбата на главните преговарачи на Косово и Србија за српскиот динар, чија употреба, како готовинско платежно средство, од минатиот месец е забранета на Косово.

Главниот косовски преговарач Бесник Бислими изјави дека предлозите на страните се многу оддалечени и дека е потребна уште една средба за продолжување на дискусијата. Веројатно следната недела ќе се одржи нов состанок.

Средбата со посредство на специјалниот претставник на Европската унија, Мирослав Лајчак, е продолжение на минатонеделната средба, кога двете страни се договорија да предложат решение за динарот.

Видете и ова: Србија знае дека употребата на сила против Косово би била неприфатлива, порача О'Брајан


Употребата на динари за готовински плаќања во Косово е забранета од 1 февруари, кога Централната банка на Косово издаде декрет со кој го назначи еврото како единствена официјална валута на земјата.

Ова прашање, освен што ја налути Србија, предизвика и несогласувања меѓу Владата на Косово и меѓународната заедница, бидејќи српската заедница на Косово со години добива исплати во динари од српскиот буџет.

Западните дипломати побараа од Косово да го суспендира указот за да им се даде време на погодените граѓани да се прилагодат на новата практика.