Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе ги преземе сите механизми за да имаме стабилна ситуација со цената на топлинска енергија имајќи ги во предвид цените со природниот гас на берзите во Европа, порача претседателот на РКЕ Марко Бислимоски и додаде дека во никој случај нема да поскапи парното за домаќинствата.
„Во ниту еден случај нема да дојде до никакво поскапување на цената на топлинска енергија за домаќинствата, единствено може да дојде до намалување во зависност дали ќе има субвенции, дали ќе нема. Во текот на јули вообичаено ние ќе ја донесеме таа одлука. Можевме и сега да носиме популистичка одлука, кога ја намаливме цената за не домаќинствата, но се решивме да им се помогне пред се на овие потрошувачи кои во текот на енергетската криза ниту еднаш не беа субвенционирани“, рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Видете и ова: Сметките за парно ќе бидат повисоки за 4,5 отстоТој додаде дека во наредниот период ќе ја следат ситуацијата со цената на природниот гас и како тоа ќе се одрази понатаму.
„Загрижува фактот што ТЕ-ТО дава нешто помалку од тоа што сме го предвиделе да го дава на мрежа, но понатака како ќе проаѓа времето ќе анализираме, ќе имаме состаноци со ТЕ-ТО и со ЕСМ дистрибуција на топлинска енергија да видиме што било причината за тоа“, рече Бислимоски.
Бислимоски нагласи дека топловодот на мостот „Беласица“ кој беше оштетен во пожар нема влијание на работата на ТЕ-ТО.
„Мислевме дека има, ама сега нема влијание, но ќе видиме зошто ТЕ-ТО од средината на декември па некаде до 10 јануари не произведувал ни електрична енергија, а со тоа ни топлинска енергија бидејќи цената на природниот гас била таква што цената на електричната енергија не ги покрива трошоците за работа“, истакна Бислимоски.
Видете и ова: АД ЕСМ започна со санација на цевководот на мостот „Беласица“Првиот човек на РКЕ посочи дека ТЕ-ТО дава топлинска енергија тогаш кога му дозволуваат пазарните услови. Прецизираше дека било предвидено ТЕ-ТО да дава околу 60 проценти од топлинската енергија, а во системот испорачувало под 50 проценти.
„Ние не можеме до крај да бараме од ТЕ-ТО произведувај повеќе топлинска енергија, а помалку електрична енергија, кога јасно е дека најголемите добивки ТЕ-ТО си ги прави на слободниот пазар на електрична енергија од продажба на електрична енергија“, појасни Бислимоски.
Во Скопје околу 60 илјади домаќинства се приклучени на мрежата за централно греење што ја покриваат топланите Исток и Запад. Дополнително уште околу 500 домаќинства во Чаир и Топанско поле се приклучени на мрежата која ја покрива топланата Скопје север.
Трите топлани имаат можност да работат на природен гас или на мазут, а по потреба и на дизел, додека когенеративната електрана ТЕ-ТО, која е во приватна сопственост, може да работи само на природен гас. Доколку таа работи задоволува од 60 до 70 проценти од потребите за греење на скопјани, а останатиот дел ги покриваат топланите Исток и Запад.