Тројца од четворицата осомничени за нападот во Москва ја признале вината

Зградата во која се случи терористичкиот напад во Москва, 22 март 2024 година

Тројца осомничени за нападот на концертната сала во предградието на Москва, во кој загинаа 137 лица, ја признале својата вина за нападот, но сите четворица кои синоќа биле изведени пред Судот во Москва, ќе останат во притвор најмалку до 22 мај.

Како што јавија руските новински агенции, тројцата осомничени се обвинети за „тероризам“ и им се заканува доживотен затвор. Руските власти претходно објавија дека се уапсени 11 лица, меѓу кои и четворица напаѓачи, кои се странски државјани.

Бројот на загинатите во терористичкиот напад на салата во предградието на Москва се зголеми на 137, меѓу кои и три деца, соопштија вчера руските истражители, додавајќи дека на местото на настанот пронашле оружје и муниција.

Видете и ова: „Ксенофобични инциденти“ на Денот на жалост во Русија

Одговорноста за нападот ја презеде џихадистичката група Исламска држава.

На 23 март, рускиот претседател Владимир Путин го осуди насилството како „крвав, варварски терористички напад“, но не го спомна преземањето на одговорност од Исламска држава. Наместо тоа, тој ја обвини украинската вмешаност, што украинскиот претседател Володимир Зеленски и други официјални лица го негираат.

Нападот го осудија НАТО, Соединетите Држави и Европската Унија.