Вашингтон изврши „самоодбранбени напади“ врз објекти на Хутите во Јемен

На оваа фотографија добиена од Министерството за одбрана на САД, разурнувачот со наведувани проектили од класата „Арли Бурк“ транзитира по Суецкиот канал на 26 ноември 2023 година.

Американските сили извршија „самоодбранбени напади“ врз три подземни складишта за оружје во областите во Јемен под контрола на Хутите, соопшти американската Централна команда (Центком).

Нападите беа насочени кон способности што Хутите ги користат за да се заканат и да ги напаѓаат поморските и трговските бродови во регионот, се вели во објавата на мрежата Икс (поранешен Твитер), јави Ројтерс.

Во објавата се вели дека силите на Центком во самоодбрана уништиле четири беспилотни летала во областите во Јемен контролирани од Хутите.

„Не се пријавени повредени или штети од американски, коалициски или комерцијални бродови“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Морнарицата на САД собори 28 дронови над Црвеното Море

Од друга страна, шефот на Врховниот револуционерен комитет на Хутите, Мухамед Али Ал Хути, изјави дека има „непромислени“ американско-британски напади врз Јемен.

„Нападите на САД и Велика Британија имаат за цел да ја пробијат поморската блокада на бродовите поврзани со Израел, кој ја опсадува Газа“ рече Мухамед Али Ал-Хути.

Новинската агенција Саба, управувана од Хутите, соопшти дека американски и британски авиони извршиле пет напади врз Ходеида, област каде се наоѓа главното пристаниште во Јемен.

Движењето Хути во Јемен врши напади со беспилотни летала и ракети врз трговски бродови, пркосејќи на воената операција на Израел во Појасот Газа.

Американските и британските сили извршија повеќекратни напади врз локациите што ги користат бунтовниците во Јемен.

Во поморската мисија се приклучи и Европската унија.