ЕУ воведе санкции поради смртта на рускиот опозиционер Навални

Алексеј Навални (Илустративна фотографија)

Во петокот, Европската Унија воведе санкции за функционери на рускиот судски систем кои ги смета за одговорни за затворската казна на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој почина во затвор минатиот месец.

„Бавното убиство на Алексеј Навални од страна на режимот на Кремљ е остар потсетник за нивното целосно непочитување на човечкиот живот“, се вели во писмената изјава на шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел.

Санкциите, кои вклучуваат замрзнување на имотот и забрани за патување, се однесуваат на 33 функционери и два затвори во кои беше задржан Навални.

Видете и ова: Вдовицата на Навални порача светот да не го признава Путин за „легитимен“ лидер

„Двете казнени колонии се познати по физички и психолошки притисок, целосна изолација, тортура и насилство врз затворениците. Во двете места Навални претрпе малтретирање, вклучително и сместување во самица, како и сурово, нечовечко и понижувачко постапување, што доведе до сериозно влошување на неговата здравствена состојба“, стои во соопштението.

Борел изјави и дека воведувањето санкции ја покажува решеноста на Унијата да ги повика властите во Русија одговорни за континуираното кршење на човековите права во таа земја.

Алексеј Навални почина на 16 февруари во затвор на Арктикот под неразјаснети околности. Неговата сопруга и неговите соработници, заедно со некои западни влади, го обвинија Путин за неговата смрт.