Соединетите Американски Држави (САД) ја поздравуваат одлуката на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина (БиХ), соопшти американската амбасада во БиХ.
„Ова е важен пресврт во историјата на Босна и Херцеговина и клучен чекор кон обезбедување на заслуженото место на земјата во евроатлантската заедница“, се вели во објавата на Амбасадата на социјалната мрежа Х.
На самитот во Брисел, Европскиот совет, кој го сочинуваат претседателите и премиерите на земјите-членки на ЕУ, го одобри отворањето на пристапните преговори за БиХ, што претходно беше препорачано од Европската комисија.
„Соединетите Американски Држави ќе продолжат да го поддржуваат територијалниот интегритет, суверенитет и мултиетничкиот карактер на Босна и Херцеговина и ќе и помогнат да напредува кон членство во Европската Унија“, соопшти Амбасадата.
Иако Босна и Херцеговина доби зелено светло за отворање на пристапните преговори, тие не можат да ги започнат додека не се усвои преговарачката рамка.
Видете и ова: ЕУ одобри отворање на преговорите со Босна и ХерцеговинаПреговарачката рамка пак ќе биде подготвена кога земјата ќе ги исполни сите 14 приоритети презентирани од Европската комисија во 2019 година.
Приоритетите се поделени во четири области - демократија и функционирање на институциите, владеење на правото, основни права и реформа на јавната администрација.
БиХ има статус на кандидат за полноправно членство во Европската Унија од декември 2022 година.
Во декември 2023 година, лидерите на ЕУ изразија подготвеност да ги отворат пристапните преговори со БиХ и ја поканија Европската комисија во март да објави извештај за степенот на исполнување на клучните критериуми.
Оттогаш, владејачката коалиција во БиХ се согласи да ги отвори преговорите со Фронтекс, граничната служба на ЕУ, и усвои измени во Законот за спречување перење пари и финансирање на терористички активности.
Законот за судови, кој исто така беше еден од приоритетите, се уште не е донесен.