Пријателскиот фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Босна и Херцеговина и Израел, кој требаше да се одигра на 26 март на стадионот Грбавица во Сараево, е откажан.
Таа информација без дополнително појаснување е објавена на страницата на УЕФА посветена на натпреварот.
Во четврток, на 21 март, двете репрезентации испаднаа од баражот за пласман на Европското првенство кое годинава се одржува во Германија.
БиХ загуби од Украина, а Израел од Исланд.
Претседателот на израелската фудбалска асоцијација, Шино Зоерц, за израелскиот спортски портал One изјави дека тензичната ситуација е една од причините за откажувањето на натпреварот.
„Поради тензичната ситуација, УЕФА ме контактираше веднаш штом завршија натпреварите и ме прашаа дали можеме да се откажеме од мечот против Босна и Херцеговина, што е незначаен за двете репрезентации“, изјави Зерц.
Тој додаде дека е сигурен дека Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина ќе биде добар домаќин, но дека под сегашните околности одобрил откажување на натпреварот.
Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина, Вицо Жељковиќ не беше достапен за коментар.
Последен пат Израел гостуваше во Босна и Херцеговина, во јуни 2015 година, тоа беше натпревар од висок ризик, а израелските фудбалери пристигнаа во Зеница придружувани од сопствените безбедносни сили.
Досега во Сараево се одржани неколку собири за поддршка на Палестинците поради војната во Газа и против израелската воена кампања.
Видете и ова:
Протестен марш во Сараево за поддршка на палестинскиот народ во ГазаВојната во областа започна на 7 октомври 2023 година, кога милитантите од Хамас, организација означена како терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија, убија 1200 луѓе и зедоа 253 заложници во Израел.
Оттогаш, израелската воздушна и копнена кампања уби повеќе од 31000 Палестинци, според здравствените власти во Газа, додека поголемиот дел од населението е протерано од своите домови и остана без храна.