Лидерите на Европската унија (ЕУ) во четвртокот повикаа на „итна хуманитарна пауза“ во Газа и го повикаа Израел да не започнува голема копнена офанзива врз градот Рафах.
„Европскиот совет повикува на итна хуманитарна пауза што ќе доведе до одржлив прекин на огнот“, објавија лидерите по состанокот во Брисел и повикаа на „безусловно ослободување на сите заложници“.
Советот „ја повикува израелската влада да не презема копнена операција во Рафах“, додадоа лидерите на ЕУ на самитот во Брисел.
Европските лидери повторно го осудија нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври. Таа палестинска организација се смета за терористичка од ЕУ и САД.
Видете и ова: Борел - Лидерите на ЕУ ќе повикаат на одржлив прекин на огнот во ГазаПо нападот на Хамас, лидерите на ЕУ во октомври повикаа само на „хуманитарни коридори и паузи“ во Газа за да се овозможи помошта да стигне до палестинските цивили.
Ирска, Шпанија и Белгија се залагаа за прекин на огнот на актуелниот самит во Брисел. Германскиот канцелар Олаф Шолц се согласи на повиците откако претходно се спротивстави на прекинот на огнот во октомври, наведувајќи го правото на Израел да се брани од нападите на Хамас.
Поканата на лидерите во четвртокот претходно ја објави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.